Search

Универзитетот на ЈИЕ со хибриден модел на настава во новата учебна година

Студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во новата учебна година 2020-2021 година ќе присуствуваат на часови и во кампусот и преку интернет, соопштија денеска од оваа високообразовна институција со седиште во Тетово.

Се планира хибриден модел, со тоа што една четвртина од наставата ќе биде преку интернет за сите студенти од државата, како и за оние кои живеат надвор, а остатокот или три четвртини од наставниот процес ќе се одвива со физичко присуство.

Ректорот Абдилменаф Беџети потенцираше дека кампусот ги исполнува сите критериуми за почеток на наставата во услови на пандемија, но и дополнително се работи на создавање оптимални услови за учење со физичко присуство на студентите.

-Наставата и академскиот ангажман ќе бидат во хибриден формат, што значи физичко присуство  во двата кампуса, во Тетово и во Скопје, според здравствените протоколи и можноста за скратување на часовите и нивно покривање со настава преку интернет, рече ректорот Беџети.

Новина за новата учебна година е подобрувањето на технолошката опрема, подготвеност да се понуди настава за секој курс според хибриден модел, преку електронски систем за управување со наставата, а од таму потенцираат дека континуирана е посветеноста на персоналот да се приспособи на наставниот материјал и да обезбеди квалитетна онлајн-настава.

Организацијата на наставата е во согласност со мерките и препораките на Министерството за здравство за физичко присуство.

– За нас е, пред сè, најважно здравјето на студентите и вработените. Се грижиме никој да не го загрозува нивното здравје и во исто време да добие највисок квалитет на услуга, било академска ил,и пак, административна, додаде Беџети.

Проректорот за академско планирање и дигитализација, проф. д-р Владимир Радевски, соопшти дека студентите кои поради пандемијата нема да можат физички да учествуваат на предавањата, ќе може да присуствуваат на предавањето директно и на интернет-платформата на електронскиот систем за управување со наставата. Тие ќе имаат пристап, исто така, и во сите наставни материјали во електронска форма.

Академскиот и административниот персонал на работа ги применува сите здравствени протоколи одобрени и во согласност со препораките на државните здравствени власти и Министерството за образование и наука, потенцираат од УЈИЕ. 

Треба да знаете
Последни објави