Search

Ердоган: Турција ќе ги брани своите права во Источниот Медитеран, Егејот и во Црното Море

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска порача дека Турција ќе го земе она што ѝ припаѓа и во Средоземното Море и во Црното и во Егејското Море, нагласувајќи и дека Турција нема претензии кон териториите на ниту една земја, пренесува „Анадолија“.

Ердоган притоа алудираше на споровите со Грција за суверените права на Турција на поморската територија и на енергетските ресурси.

„Оние кои не се достојни дури ни на византиското наследство, денес вршат неправди и пиратски потези сметајќи на поддршката на Европејците, што покажува дека не успеале да научат ништо од историјата“, рече турскиот претседател.

Коментарите следат по најголемото откритие на Турција на природен гас во Црното Море и тековниот конфликт во Источниот Медитеран со Грција. Ердоган во петокот објави дека Турција пронашла околу 320 милијарди кубни метри резерви од природен гас откако нејзиниот брод „Фатих“ започна со работа на 20 јули во близина на црноморското крајбрежје.

Во Турција денеска се одбележува 949-годишнината од историската Битка кај Малазгирт (Манцикерт), а на програмата по повод одбележувањето во градот Муш се обрати и Ердоган.

Во фокусот на обраќањето на Ердоган беа актуелните тензии во Источниот Медитеран, во врска со кои турскиот претседател ги предупреди лидерите на другите земји кои ѝ го оспоруваат правото на Турција на истражување и експлоатација на природните богатства на тоа подрачје.

Треба да знаете
Последни објави