Search

(Видео) Младиќ: Цел живот сум професионален војник и работев чесно и законски, обвинението падна во вода

Поранешниот командант на војската на Република Српска Ратко Младиќ, неправосилно осуден на доживотен затвор за геноцид и злосторства во Босна и Херцеговина, кажа денеска пред судот во Хаг дека чесно и законски работел како офицер и дека обвинението против него „паднало во вода“.

Во обраќањето до судиите на крајот на жалбената постапка Младиќ не изрази никакво каење поради жртвите на војната и се опиша како „обичен човек“ и „професионален војник“ кој ја бранел својата земја. Претседавачката судијка Приска Њамбе го прекина Младиќ откако истекоа десет минути, колку што му беше дозволено да зборува, што го налути.

-Вашето обвинение падна во вода, им кажа Младиќ.

Обвинителството бара изречената казна да биде потврдена имајќи ги во предвид страдањата кои ги предизвикале неговите постапки.

-Имајќи ја во предвид природата, обемот и бруталноста на овие злосторства, доживотниот затвор е единствената можна казна, изјави обвинителката Барбата Гој.

Младиќ повремено одмавнуваше со глава додека таа зборуваше.

-Дали е во право претходниот совет кој мене ме осуди на доживотна робија? Не се во право. Зошто? Тие се во конфликт на интерес, ја бранеа не вистината, туку Холандија и холандскиот батаљон, кажа Младиќ, алудирајќи на Сребреница, на крајот на дводневната расправа за жалбата која ја вложи на првостепената пресуда. Стоејќи, во темно одело, светла кошула и сина вратоврска, Младиќ гласно, но споро, кажа дека „не се брани себе“, туку „народот српски кој е на силни удари на ветришта“.

-Јас сум човек кој цел живот е професионален војник. Чесно работев и во мир и во војна, во согласност со законите на мојата држава која ја разурна НАТО, кажа Младиќ.

За Сребреница кажа дека е „клучот на ова судење“, опишувајќи како, по падот на енклавата, во јули 1995, заостанат муслимански војни пукал во него и „промашил“. Како што кажал, ниту возвратил, ниту дозволил на обезбедувањето тоа да го направи, затоа што војникот имал елек на Унпрофор.

Младиќ истакна дека, и покрај договорот, меѓународните сили во 1993 не ги демилитаризирале петте заштитени зони на ОН – Сребреница, Сараево, Горажде, Жепа и Бихаќ.

-Во Сараево цела војна, и по 1993, беше првиот корпус на Армијата на БиХ. Дали тој беше разоружен? Не. Зошто? Кој е виновен? Ратко Младиќ? Или генералите (на Унпрофор) Моријон, Кот, Жанвије, Смит, Роуз…“, праша Младиќ.

Тој кажа дека „не е светец, туку обичен човек“.

-Мене судбината ме доведе да ја бранам својата држава СФРЈ, која вие западните моќници ја урнисавте, со помош на Ватикан и онаа мафија од Германија.

Тој со повишен тон истакна дека „војната не ја почнал Ратко Младиќ, ниту тој го направил планот за напад врз Југославија“.

Хашкиот трибунал Младиќ, на 22 ноември 2017, неправосилно го осуди на доживотен затвор поради злосторствата во Сребреница, прогонот на Хрватите и Бошњаците низ БиХ, тероризирањето на населението на Сараево со долготрајно гранатирање и снајпери и земање припадници на Унпрофор за заложници, од 1992 до 1995.

Трибуналот Младиќ го обвини за геноцид во уште пет босански општини.

Хашкиот трибунал правосилната пресуда за Младиќ, како што е најавено, ќе ја донесе во првата половина на следната година.

Треба да знаете
Последни објави