Search

Американската полиција отвори истрага за две убиени лица и едно повредено во протетсите во Кеноши

Две лица се убиени, а едно повредено во текот на третата ноќ од протетсите во американскиот град Кеноши, Висконсин, каде во неделата полицаец седум пати пукаше во грбот на Афроамериканец.

Пукотницата почнала околу полноќ, по локално време, а полицијата информира дека трага по најмалку еден осомничен, кој носел пушка. Според дел од медиумите, напаѓачот е дел од група на бели супремисти.  Третото лице кое е застрелано е во стабилна здравствена состојба.

Поради случајот со Афроамериканецот Џејкоб Блејк избија протести во неколку американски градови, вклучувајќи ги Портланд, Орегон, Сиетл, Медисон, Висконсин и Минеаполис. Протетсите во Кеноши набрзо преминаа во нереди, каде демонстрантите незадоволството од полициската бруталност го искажаа и со палење гуми, кршење прозорци, демолирање…Мајката на Џејкоб изјави дека видела многу демолирање во градот и рече дека тоа не се вредностите кои нејзиниот син ги споделува. Таа вели дека сега е потребно заздравување и кога го посетила својот син во болница почнала да се моли. Наместо тоа Џајкоб побарал полицаецот, кој бил во болничката соба да им се придружи, па тројцата ја кажале молитвата.

Нередите избија откако полицијата во неделата пукаше во грбот на Блејк, додека тој влегувал во своето возило, пред очите на неговите деца, на возраст од три, пет и осум години. Неговото семејство информираше дека тој е парализиран од вратот надолу.

Инаку, полицајците излегле на интервенција по дојава за семејно насилство, по што го пронашле Џејкоб пред куќата.

На првата снимка се гледа како Џејкоб невооружен се движи кон автомобилот, игнорирајќи ги наредбите да запре. Полицаецот со една рака го влече за маицата, а во другата држи пиштол. Одеднаш му испукува седум куршуми во грб. Џејкоб паѓа на седиштето, главата му удира во сирената.

На втора снимка, направена од друг агол, покажува што претходело на пукањето. Се гледа дека тој се противи на апсењето и оди кон своето возило. Двете снимки покажуваат дека Џејкоб бил невооружен. Истрагата треба да покаже зошто полицаецот пукал во невооружен црнец од близина, и тоа дури седум пати.

Одделот за правда на Висконсин, кој ја води истрагата, соопшти дека дека ќе се обиде во рок од 30 дена да ги презентира своите сознанија на обвинителите. Адвокатот Бенџамин Крамп, кој е дел од правниот тим кој го застапува семејството на Блејк побара инволвираните полицајци да бидат отпушени, а потоа и обвинети.

– Тие го застрелаа мојот син седум пати – седум пати, како тој да не е важен, изјави таткото на Блејк. – Но мојот син е важен. Тој е човечко суштество и е важен, вели тој.

Треба да знаете
Последни објави