Поранешниот директор на Еуростандард до Костовски: Наместо обвинувања, акционерите треба сериозно да се преиспитаат колкава е нивната вина

Со индигнација ги осудувам и демантирам наводите изнесени на прес конференцијата одржана на 14.08.2020 од страна на г-дин Трифун Костовски и г-дин Коста Костовски, кадешто неосновано бев обвинет како лице одговорно за губење на дозволата на банката. По овој повод, сакам да ја информирам јавноста за вистинската слика и состојба.

 

Јас од 01.10.2019 година немам никаков контакт со банката во поглед на нејзините операции. Иако до 29.11.2019 година бев и формално Претседател на Управниот одбор на банката, мене ми беше оневозможено да имам било каков увид во работењето на банката, како што напоменав, почнувајќи од 01.10.2019 година. Уште повеќе, од 14.03.2020 година не сум ни вработен во банката.

 

Во банката сум од декември 2009 година, а од февруари 2010 година до моето заминување десет години ја извршував функцијата на Претседател на Управен одбор на банката. Управниот одбор на банката, се состои од два члена и се грижи за оперативното работење на банката. Над Управниот одбор е Надзорниот одбор кој ги именува и разрешува членовите на Управниот одбор и кој има контролна улога. Управниот одбор секој месец поднесуваше извештај до Надзорниот одбор за работењето на банката. Кредитите се одобруваат од страна на Кредитен одбор, а одредени кредити, над одреден процент од капиталот на банката,  се предмет на одобрување од страна на Надзорниот одбор. Претседател на кредитниот одбор беше Коста Костовски, со позиција Асистент на Управниот одбор. Претседател на Надзорен одбор беше Трифун Костовски. Оваа ситуација ја затекнав во банката со моето доаѓање и беше непроменета се до моето заминување.

Покрај ова, во банката постојат и други служби како што се Центарот за управување со ризици и Центарот за внатрешна ревизија кои го контролираат кредитното портфолио и истите директно на месечна основа реферирале пред Надзорниот одбор.

Така што во поглед на кредитните пласмани секогаш биле информирани за реалната состојба во банката низ извештаите кои биле презентирани пред Надзорниот одбор, вклучувајќи го и г-дин Трифун Костовски, додека г-динот Коста Костовски во рамки на секојдневното работење бил во тек со случувањата!!! Во однос на обвинувањата за лошо раководење, штети и слично предизвикани од претходното раководство забораваат дека тие биле дел од раководството на клучни функции на банката, биле целосно инволвирани во дневните операции на банката и целосно биле запознаени со состојбите и случувањата во банката и ниедна поголема и побитна одлука во работењето на банката не беше донесена без знаење на некој од нив. Затоа обвинувањата за давање кредити на ново регистрирани фирми, одлевање на средства без трага, за плаќање на фиктивни фактури и сл., се во најмала рака смешни. Постои Централен регистер, кредитен регистер, досиеја во банката. Па може лесно да се провери која компанија кога е формирана, од кого, колку долго работи, кога и колку кредитно се задолжила.

Кога дојдов во банката од страна на погоре споменатите господа ми беше дадена примарна задача да обезбедам раст на билансот на банката, а нивна обврска како акционери беше да обезбедат дополнителен капитал од најмалку 3 милиони EUR во наредните 3-4 месеци и тоа однадвор како нови средства. За успешноста на моето работење ќе ги презентирам податоците за билансот на банката кога дојдов во банката (крајот на 2009 година) и кога ја оставив на управување на новото раководство (30.09.2019 година).

  • Билансот на банката: 2009 – 27,8 милиони EUR, а во 2019 – 161 милион EUR
  • Кредитното портфолио 2099 – 12,5 милиони EUR, а во 2019 – 97 милиони EUR
  • Паричните средства и паричните еквиваленти: 2009 – 9,2 милиони EUR, а во 2019 – 41,4 милиони EUR
  • Акции во Поштенска банка: 2009 – проблематичен влог во акции на Поштенска банка АД Скопје од 4 милиони EURза кои имаше Решение од НБРМ да се продадат, а во 2019 – Еуростандард банка АД Скопје стана сопственик на 100% од акциите на Поштенска банка АД Скопје и ја припои Поштенска банка АД Скопје во 2014 година, а во декември 2016 година беше потпишан нов договор со Македонска пошта АД Скопје со многу поголеми позитивни ефекти на билансот на банката
  • Депозити на коминтенти: 2009 – 16 милиони EUR, а во 2019 – 145,3 милиони EUR, а еден квартал претходно (30.06.2019) биле 170 милиони EUR
  • Случај Фи-ком: 2009 – проблематични пласмани во Фи-ком со непризнаени хипотеки, а во 2019 – побарувањето од Фи-ком наплатено
  • Пазарно учество на банката: 2009 – банката беше во групата на мали банки со пазарно учество од 0.63%, а во 2019 – во групата на средни банки со пазарно учество од 1,87% (на почетокот на 2019 пазарното учество на банката беше и до 2,3%)
  • Во 2009 – од уплатените 18 милиони EURакционерски капитал за потребите на пресметка на коефициентите предвидени со супервизорските стандарди можеа да се користат само 7 милиони EUR (на портфолио од 12,5 милиони EUR)
  • До 2019 – банката се стекна со имот – деловната зграда во која беше сместена Централата на банката. Групацијата во сопственост на семејството Костовски се стекна (дел директно дел индиректно преку банката) со две деловни згради со над 8,000 m2во строгиот центар на Скопје
  • До 2019 – банката стана најголем акционер во Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје и Централен депозитар на хартии од вредност АД Скопје

Апсолутните и релативните порасти на билансот и ставките може секој лесно да ги пресмета. Во меѓувреме она што беше обезбедено како дополнителен капитал од страна на акционерите беа само 1,5 милиони EUR постоечки депозити во банката на нивни компании кои подоцна беа претворени во капитал. Преостанатите докапитализации во најголема мера беа обезбедувани од моја страна и пласирани преку компаниите на акционерите, иако тоа не е дел од обврските на претседател на Управниот одбор.

Растот на банката не беше следен со соодветен раст на капиталот кој требаше да биде обезбеден од страна на акционерите. Првите барања од страна на Народната банка за потреба од дополнителен капитал е со Решение од 11.03.2013 година. Тогаш за пресметка на коефициентите предвидени со супервизорските стандарди можеа да се користат повторно само нешто над 7 милиони EUR, овој пат на кредитно портфолио од преку 50 милиони EUR наспроти кредитното портфолио од 12,5 милиони EUR од 2009 година. Од тогаш наваму на сите состаноци со претставници на Народната банка секогаш беше потенцирана потребата за дополнителен капитал.

Со оглед на тоа што акционерите на банката не ги обезбедуваа дополнителните средства за докапитализација, Народната банка наметнуваше ограничувања во работењето на банката со цел зголемување на капиталната основа на банката за соодветно покривање на кредитниот ризик. Сите тие ограничувања на работењето имаа негативен ефект на работењето на банката и влошување на портфолиото во текот на годините.

Почнувајќи од месец март 2019 година скоро комплетната комуникација со Народната банка беше водена од страна на г-дин Трифун Костовски,. И во тој период, при средбите со Гувернерот на Народната банка се ветувани работи за кои се немало претстава дали може да се исполнат за потоа да биде барано од мене да истите ги реализирам и обезбедам, пред се дополнителни средства за докапитализација на банката, што и го правев до моментот додека имав овластувања.

Како Претседател на Управен одбор на банката мојот дел од задачата го исполнував и банката растеше со водење сметка за ризиците од работењето во рамките на можностите, за разлика од акционерите кои не успеваа никако да обезбедат соодветна капитална поддршка. И во Решението за одземање на дозволата за работење на банката и во сите изјави на Народната банка јасно е потенцирано дека неисполнетата обврска за докапитализација од страна на акционерите е главната причина за ваквиот расплет. Акционерите биле во тек со сé што се случува во банката, и со оглед дека својот дел од обврската во ниту еден момент не го исполниле, обидот да се амнестираат од вина и да се прикажат како „жртви“ во најмала рака е несериозен.

Со оглед на тоа дека акционерите силно жалат и се грижат за клиентите и како тие ќе си ги остварат своите права, за да знае јавноста дали и акционерите ја делат судбината со клиентите на банката, ги поттикнувам медиумите да истражуваат и да ги постават следниве прашања:

  • Дали акционерите како физички лица и нивните компании имаат депозити во банката во моментот на одземањето на дозволата за работа (притоа, не мислам на субординираните и хибридните инструменти)?
  • Дали како физички лица и нивните компании имаат депозити во други банки?
  • Дали во последните месеци имало од нив како физички лица или од нивните компании повлекување на средства и одлевање во други банки?
  • Дали во последните месец – два од страна на членови на раководството на банката имало повлекување на депозити?

Јас немам информации за ова и не ги знам одговорите, но истите ќе помогнат за да можат клиентите на банката да ја оценат „грижата и сериозноста“ на акционерите за обештетување на клиентите.

Јас, иако не сум во банката веќе 11 месеци и не ја знам сегашната состојба, сепак сум сигурен дека со одговорно водење на стечајната постапка ќе има доволно средства да се исплатат доверителите, па дури можеби и акционерите ќе успеат да добијат нешто од нивните вложувања, но оние реалните, а не наводните 60-70 милиони EUR споменати на прес конференцијата.

Костовски наместо да бараат други виновници, треба да се позанимаваат со себеси. Да се ангажирале толку колку што требало за банката и да го почитувале она што од нив како акционери го барала Народната банка, состојбата денес ќе беше сосем различна. Денешната ситуација во која се наоѓа банката е само поради тоа што акционерите не биле способни како сопственици да ја следат банката во нејзиниот раст.

Оттука, и покрај одржаната прес конференцијата останува нејасно кој тоа, според акционерите, е виновникот за пропаѓањето на банката? Јас? Народната банка? Некоја политичка партија (за што во претходни ситуации исто бев обвинет од акционерите)? Некое бизнис лоби? Костовски немаа одговор на овие прашања, а свикаа прес конференција со цел да ја информираат јавноста за овие прашања.

Наместо обвинувања, акционерите треба сериозно да се преиспитаат колкава е нивната вина за пропаѓањето на банката. Не заради тоа што претходниот менаџмент погрешно го одбрале. Напротив. Како акционери биле должни и морале да знаат што значи да се биде доминантен акционер и сопственик на банка и како треба да ги следат насоките од надлежните институции, во случајов НБРСМ.

Со оглед на сé наведено, барам ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ за изречените невистини, дезинформации и неосновани обвинувања со коишто се прави обид за моја дискредитација и како личност и како професионалец со повеќе од 25 годишно искуство во банкарството. Во спротивно, ќе бидам приморан да си го заштитам личниот углед и да барам заштита на своите права пред надлежни институции, стои во демантот на Николче Петкоски.

 

Треба да знаете
Последни објави