Ангеловска со демант: Единствено што е точно е дека сум имала депозит во Евростандард банка

Министерката за финансии, Нина Ангеловска испрати демант во однос на, како што вели тенденциозните лажни вести кои за неа се објавуват по затворањето на „Еуростандард банка“.

„Иако ВЕДНАШ ги демантирав изнесените невистини во врска со мое наводно повлекување на средства од Евростандард банка по добивање на информација за случајот со одземањето на дозволата за работа и отворањето на стечајната постапка, сепак во насока на точно информирање и отстранување на сите сомнежи и дилеми, би сакала уште еднаш да ѝ ги соопштам на јавноста фактите и воедно да ги демантирам сите неточни информации кои тенденциозно се пласираат.

Не е точна ни сумата која се наведува во текстовите – уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега пласираните информации е дека сум имала депозит во Евростандард банка.

Целосно е неточна информацијата дека јас овие мои средства сум ги префрлила во други банки или повлекла. Вистината е дека пред стапување на функцијата – Министер за финансии – овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија.

Би сакала да ја потсетам јавноста дека во периодот кога го купив споменатиот стан, исто така во јавноста беа пласирани тендендиозни и неточни информации дека наводно не сум го пријавила станот во Антикорупциска комисија, што не е точно. Истиот беше уредно пријавен, согласно законските прописи и рокови, што беше потврдено и од страна на Антикорупциската комисија.

Министерството за финансии нема надлежности над основањето и работењето на банките, ниту дава, ниту одзема дозвола за работење на банка. Единствено Народната банка, како независно регулаторно и супервизорско тело, има надлежност во доменот на работењето на банките што значи надзорот, супервизијата, изрекувањето мерки, издавањето и одземање дозволи за банките ги врши исклучиво и самостојно Народната банка.

На крајот сакам да нагласам дека пласирањето на неточни и тенденциозни информации во јавноста, го оценувам како обид за дефокусирање на јавноста, преку мое дискредитирање и нарушување на мојот углед. Цврсто сум убедена дека и овојпат јавноста ќе ги препознае фактите, пред лажните вести што се пласираат со цел да се креира погрешна перцепција.

Треба да знаете
Последни објави