Search

Не престануваат протестите против Путин на крајниот исток на Русија

Нови големи демонстрации против централните руски власти се одржаа и денеска во регионот Хабаровск, на крајниот исток на Русија, кои за иницијална каписла го имаа  апсењето на популарниот гувернер и назначувањето на нов владин човек, кој никогаш не живеел во таа област.

Жителите на Хабаровск, во непосредна близина до границата со Кина, од 9 јули секој ден излегуваат на улиците заради апсењето на регионалниот гувернер Сергеј Фургал, кој е обвинет за убиства и експресно беше сменет од функцијата.

Ова се можеби некои од најголемите демонстрации против Кремљ во последните неколку години. Руските власти оценуваат дека протестите се поддржани од приврзаници на опозицијата, кои живеат надвор од областа на протестот.

Неколку десетици илјади лица маршираа во поворка низ улиците на Хабаровск, носејќи знамиња на тој регион и транспаренти против рускиот претседател Владимир Путин, додека возачите на автомобили ги поздравуваа со сирените.

Демонстрантите се собраа пред седиштето на регионалните власти, извикувајќи „Слобода!” и „Путин, поднеси оставка!”.

Полицијата не се вмеша во протестот, иако е во сила забраната за собири поради коронавирусот.

Според официјалните претставници на Хабаровск, на протестот имало 6.500 луѓе, додека медиумите, од кои повеќето и се наклонети на опозицијата, наведуваат бројка од околу 90.000 присутни.

По смената на Фургал, на негово место привремено е назначан членот на Думата, Михаил Дегтиарев.

Фургал беше обвинет за убиства кои тој, наводно, ги извршил пред повеќе од 15 години, додека бил бизнисмен.

Неговите приврзаници веруваат дека Кремљ се обидува да го неутрализира бидејќи е противкандидат на владејачката партија на Путин, Единствена Русија. Фургал е член на партијата ЛПДР, а тој веќе еднаш го победи кандидатот за Кремљ на изборите за гувернер.

Треба да знаете
Последни објави