Search

Јанша задоволeн од договорот на ЕУ за кризниот буџет

Словенечкиот премиер Јанез Јанша изрази задоволство од постигнатиот договор за кризниот буџет на ЕУ за закрепнување од последиците на пандемијата на коронавирусот. Според постигнатиот договор, Љубљана ќе може да смета на 10,5 милијарди евра, што е најголема сума од европски извори што досега и била достапна на Словенија.

Јанша објасни дека Словенија во наредните седум години ќе има пристап до средства во вкупен износ од 10,5 милијарди евра, од кои околу 6,6 милијарди од грантовите, 2,9 милијарди од директни финансии и околу 1,6 милијарди за помош на земјоделството.

– Овој договор влева оптимизам во однос на очекуваниот, втор бран на пандемијата оваа есен, рече Јанша.

Лидерите на ЕУ, по неколкудневни маратонски преговори, рано утрово постигнаа договор за повеќегодишниот заеднички буџет и фондот за закрепнување.

Вкупниот износ на пакетот за закрепнување е 1.824 милијарди евра, од кои 1.074 милијарди се во рамките на заедничкиот буџет за периодот од 2021 до 2027 година.

Фондот за закрепнување на ЕУ изнесува 750 милијарди евра, а се состои од 390 милијарди неповратна помош и 360 милијарди заеми.

Овој фонд ќе биде финансиран со заедничко задолжување на ЕУ на светските пазари на капитал, а рокот за отплата на заемот е крајот на 2058 година.

Треба да знаете
Последни објави