Search

Таравари: Нема за што да разговараме со ДУИ додека не се расчисти изборната кражба

Додека ДУИ и натаму ја турка идејата за прв премиер Албанец, за што бара поддршка од другите партии од албанскиот камп, Алијансата се обидува да докаже дека ѝ се украдени многу гласови, а со тоа и мандати

Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијансата на Албанците, изјави за „360 степени“ дека никој од раководството на партијата не разговарал со претставници на ДУИ, од каде, пак, овие два дена по изборите тврдат дека имаат консултации со другите партии од албанскиот блок за да се истурка идејата за прв премиер Албанец во земјава.

„Не знам, можеби побарале да разговараат, ама нема што да разговараме и не знам дали воопшто вреди да се седне на иста маса со нив додека не се расчисти оваа изборна кражба“,

ни изјави Таравари, посочувајќи дека пред партиите да влезат во какви било разговори за формирање на идната влада треба да почекаат изборните резултати да бидат официјални и дека тоа е ставот и на Алијансата.

Со освоени осум пратенички места (плус четири на коалициската Алтернатива) Алијансата за Албанците станува втора политичка опција во албанскиот блок, веднаш по ДУИ. Меѓутоа, партијата на Зијадин Села реагира дека имало големи нерегуларности за време на гласањето, поради што и поднесе 74 приговори до ДИК.

Таравари, во изјавата за „360 степени“, исто така вели дека се случила невидена изборна кражба, а како пример го наведува Зајас.

„Утре нека отидат да направат попис во Зајас да видат дали ќе најдат барем половина од оние изборачи кои, наводно, излегле да гласаат во средата, а за кои со согурност знаеме дека се во Германија и во други земји“,

вели Таравари.

Од Беса, која е дел од колаицијата на СДСМ „Можеме“, вчера потврдија дека партискиот лидер Билал Касами телефонски разговарал со Али Ахмети од ДУИ. Но, како што посочија од Беса, разговорот меѓу двајцата лидери бил со цел да си честитаат за изборите, додека за можните комбинации за формирање влада може да се разговара по официјализирањето на изборните резултати.

Претходно, Ахмети, под парола „заедно сме посилни“, објави дека комуницира со лидерите на другите партии, не прецизирајќи што е тема на разговорите.

Потоа, Насер Зибери, кандидатот на ДУИ за премиер, објави на фејсбук дека разговорите се за поддршка на идејата за премиер Албанец.

Вечерва, и организацискиот секретар на ДУИ Артан Груби, во гостување на Канал 5, нагласи дека се разговара со другите партии на Албанците за поддршка на кандидатурата на Зибери за премиер.

Извор: 360 степени

Треба да знаете
Последни објави