Search

Дерковски: Стојам зад бројките што вчера ги соопштивме

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, во вечерашното гостување на телевизијата Алфа, изјави дека не отстапува од конечните неофицијални резултати објавени вчера. Ставот го соопшти прашан за големиот број критики, но и очекувани приговори од повеќе политички партии.

„За приговорите ќе оставиме да си одлучи Комисијата, бидејќи тоа е надлежност на Комисијата да одлучува по приговороте. Но, јас не отстапувам од тоа што вчера го соопштивме како конечни неофицијални резултати“, изјави Дерковски.

Прашан за кривичните пријави против членовите на ДИК кои ги најави лидерот на Левица, Димитар Апасиев, Дерковски кажа дека ќе се воздржи од коментар, за потоа да каже дека изборното право веројатно му е слабост на професорот.

„Јас не би ги коментирал. Мислам дека делува повеќе од политички побуди. Би било невкусно да ги коментираме. Апасиев пред некој ден изјави дека е голем скандал дека нема сериски број на избирачкото ливче. Веројатно избирачкото право му е слаба страна. Сериски број има на кочанот, не на ливчето. Причината е за да се заштити тајноста на гласањето. Ако поднесува кривични пријави нека поднесе, има органи нека постапуваат”, изјави Дерковски.

Во интервјуто Дерковски доби и повеќе прашања за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ која, како што кажа водителката, бара повторно броење на ливче по ливче. Дерковски за таквите барања објасни дека сите партии ги имаат записниците со резултатите од секое избирачко место и со тоа ги знаат точните бројки.

„Записникот бр.16 го добива член на Избирачкиот одбор, претставник на политичката партија, каде што сите бројат, сите го утврдуваат резултатот, сите го потпишуваат и на крај сите добиваат примерок. Значи, сите ги имаат тие записници и сите ги знаат бројките“, изјави Дерковски.

Во неколку наврати Дерковски објасни дека цел на нападот бил софтверот кој ги прикажува резултатите и дека тоа на никој начин не влијае на конечните резултати. Повтори и дека записниците од секое избирачко место, кој се пополнува со увид од сите инволвирани во изборниот процес, се доставуваат до секоја партија.

Дерковски најави и дека најрано в недела ДИК ќе одржи седница на која ќе се решава по приговорите на политичките партии.

Извор: 360 степени

Треба да знаете
Последни објави