Search

Мацков: Од невработен електроинжинер во Македонија до врвен менаџер на „Амазон“

Малкумина од нас знаат дека во една од најголемите и најпознатите светски компании „Амазон“ има Македонци на раководни позиции. Но најуспешниот од нив е Александар Мацков, еден од менаџерите на „Амазон“ во магацинот во Чешка. За 24 инфо Мацков ја раскажува приказната како пред петнаесетина години по неуспешо барање на работа во земјава ја започна својата успешна приказна по светот, прво во Проктер и Гембел како прв менаџер странец, а сега во компанијата која е сон за сите успешни луѓе.

Во моментов работите во една од најреномираните светски компании Амазон во Чешка. На која позиција сте и колку време сте таму?
– Во јуни 2019 се придружив на тимот Relay Operation Center, кој е лоциран во Прага, и кој работи под капата на Amazon Transportation Services, секторот во Амазон кој ја развива логистиката во првата и средната милја. Вакви центри има три во Европа, и секој од нив работи на контрола на движењето на транспортните возила во одреден регион. Тимот кој што го водам јас од Прага е во улога на Контролна Кула за регионот на Средна Европа (Германија, Австрија, Полска, Ческа, Словачка). Во духот на еден од нашите основни принципи, Customer Obsession тимот превзема мерки и чекори за навремено доставување на нарачките на клиентите, во случај некоја од алките во додавателскиот синџир да има задоцнување. Неделно надгедуваме повеке десетици илјади движења кои се случуваат во нашата мрежа.

Имате интересна приказна зад себе. Вашето прво вработување по дипломирањето беше во странство уште пред пенаесетина години. Може ли да ни го раскажете периодот на првото аплицирање за работа, фирмата во која работевте, судирот со една нова култура во тие години и начинот на прилгодување во една нова средина?
– Не би тврдел дека е претерано интересна, но е занимлива за секој оној којшто работи на тоа да ја оствари својата кариерна цел. Пред и по дипломирањето, неколку години пробував да пронајдам работа во Македонија, но не бев успешен. Имав среќа да бидам во опкружување полно со амбициозни и информирани луѓе, почнувајки од мојата фамилија, па се до моите блиски другари, кои се денеска успешни во тоа што го работат. За да ви доловам што претходеше на моето заминување, би сакал да ви ги представам луѓето кои влијаеа да го формирам својот пристап кон достигнување на моите амбиции и цели. Додека се школував во основно, мојата мајка секој ден во тетратка рачно пишуваше 25 задачи математика и физика кои морав да ги решам како додадена домашна задача, кое ми помогна да изградам чувство на дисциплина и повторливост. Мојот татко, додека беше активен како фудбалски тренер, беше и сеуште е фокусиран на припремата пред секој натпревар. Сеуште се сеќавам на дневникот кој го водеше со имињата на сите играчи во тогашната лига, и сите нивни слаби и силни страни. Виктор, еден од моите другари, денес е успешен хирург во Македонија, поминуваше бројни ноќи асистирајки на неговиот татко, кој беше истотака врвен хирург во Македонија. Значи, посветеност кон целта. Амбицијата е карактеристика на друг мој близок другар, Игор, кој денес е успесен професор на еден од Македонските универзитети. Да бидеш најдобар во она што го работиш, е карактеристика на Гено, кој како припадник на Светската банка пропатува неколку земји во Средна и Источна Азија. Континуирана надоградба и реинвенција на застарените концепти, е карактеристика на Дани и Гокле, кои денеска успешно ги развиваат своите бизниси во Германија и Холандија со книжари и софтвереско-маркетинг услуги. Претприемачки дух е силна страна на Драги, пионер во трговијата со половни автомобили, македонски Wheeler Dealer (за оние кои ја следат и познаваат оваа серија на Дискавери).

Напорна и ефикасна работа, карактеристика за мојата сопруга Бранка, која секогаш е во движење, и никогаш не е со празни раце. Ова влијание допринесе да ја интензивирам својата активност во барање работа користејки го интернетот како алатка (сеуште се сеќавам на Далај-уп интернетот). Испраќав бројни CV во еден куп компании низ светов, учејќи се од неуспешните апликации и подобрувајќи ја структурата на моето CV и комуникацијата. И како и во секоја приказна, благодарение на уште еден човек од моето опкрузување, Гориан, успешен салес професионалец во Procter & Gamble, Philips, Reckitt Benkiser, Kimberly – Clark, дознав за можностите во фабриките на Проктер во Романија и Чешка и тука јас ја видов својата шанса. Веднаш аплицирав на отворените позиции во овие фабрики. Бев успешен на интервјуто во Чешка, станувајќи првиот манаџер странец во првата манаџемент линија, кој не го говори локалниот јазик. Фабриката беше лоцирана во мало градче во Чешка, Раковник, каде се преселив во 2006.  Првите неколку години ги поминав сам, додека спругата остана во Македонија, каде имаше стабилно работно место во фармацевтскиот сектор. Живеев во мал апартман кој беше обезбеден од П&Г, и бев единствениот кој остануваше во комплексот апартмани преку викенд. Се сеќавам дека во првите месеци се случуваше од петок попладне до понеделник наутро да непрозборам збор, затоа што немаше со кого. Интернетот во тоа време не беше распоространет како денес, а телефонските разговори со Македонија ме чинеа неколку стотини евра месечно, што неможев да си го дозволам на почетокот. Работното место кое го имав беше процесен инжинер задолжен за производство на Ленор, Фери, и Мр.Пропер. Со оглед на моето школување како електроинжинер беше надвор од мојата комфорт зона. Тимот кој го имав говореше само чешки, така да првите недели дискусијата беше сведена на цртање и мафтање со раце. Сума-сумарум, не баш многу предуслови за успех. Но, благодарение на она опкружување кое го споменав порано во текстот, и на некои карактеристики кои ги “купив” од секој од гореспоменатите луѓе, успеав да ги поставам основите на мојата кариера. Инвестицијата на време поминато на работа, поминато меѓу локалните луѓе, ми помогна во првите 3 месеци да успеам да го научам чешкиот јазик и да ја разберам механиката, односно хемијата на производите. За да можам да ја разберам локалната култура, да се прилагодам на менталитетот, да го разберам контекстот на дискусиите со локалното население, прочитав неколку нивни познати книги (“Добриот војник Свејк” е нивна “библија”), секој викенд од локалниот супермаркет купував чески познати филмови, за да ја научам нивната култура, сленг, зафрканциите, итн. (“Наследство” ја одсликува Чешката транзиција), и читав делови за чешката историја. Дивидендите” од инвестицијата на време во припремата, мојата посветеност кон работата, амбицијата да се успее и да се натпреварувам со колегите и пријателите, не само во работни задачи, туку и во локални разговори, тенденцијата за прилагодување со локалниот менталитет ми овозможија да напредувам хоризонтално и вертикално во работата. Во 10 години колку што поминав во П&Г, на секоја 1.5 година добивав ново работно место. Интензитетот на промена и напредок кој го барав, го најдов во П&Г. Во тие 10 години, променив 7 различни позиции во 2 земји (Чешка и Англија).

Освен во Чешка имате работено и во Велика Британија. Може ли да направите паралела мегу двете средини по што се разликуваат по што се слични и каде е подобро да се работи?
-Во 2013, овојпат со мојата сопруга и со синчето, се преселивме во Велика Британија, каде работев во П&Г фабриката која се наоѓа на Источната страна на поширокиот Лондон. Првата видна разлика е во финансиите и трошоците за живот. Трошоците за транспортот, школување и даноците, се многу повисоки во Британија, одколку во Чешка, додека нето приходот во споредба со останатите нормални потреби е повисок во Британија. Здравствениот систем во Британија, грижата за луѓе со специјални потреби или пост трауматско закрепнување е фантастично организирана, додека пак превентивната медицина е многу понапредна во Чешка. Додека во Британија превентивно се работи само на информирање, Чешка има јасни превентивни програми кои ги имплементира за заштита на граѓаните. Повторно како и во Чешка, за да ја разберете културата и менталитетот на специфичната околина, како во случајов Источен Лондон, морате да разберете каква била историјата преку книги, документарци и филмови. Пристапоноста на информациите овојпат беше многу подобра, бидејки во 2013 интернетот веќе стана секојдневна работа и пракса. Мобилниот интернет сеуште не беше толку распространет.

Како дојде до трансверот во Амазон?
-Амазон се случи сосема случајно. По враќање од Британија, со семејството се населивме во Прага, и дневно патував на работа до фабриката во Раковник. Во првиот месец дознав дека пар блиски колеги заминале од П&Г, ама незнаев каде. Едно утро, на автопат, сосема случајно ја забележав колата на едниот од тие колеги. Застнавме покрај патот на пар минути муабет. Во разговор со него, дознав дека е во Амазон и дека Амазон гради во Чешка склад од 120 илјади квадрати. Се договоривме да ме прошетаат во складот, во еден од наредните денови. И така се создаде нова шанса, која јас ја зграбив. По 10 години во П&Г, повторно интервјуа, и во 2016 започнав со работа во Центарот за Рекламации во Прага. Таму поминав 1.5 година, И потоа добив понуда од Амазон да се вклучам на тимот кој стартува нов Центар за Реверзна Логистика со Словачка. Ја искористив и таа шанса, и заедно со својот Генерал Манаџер, стартувавме во Серед, Словачка во Септември, 2017. Складот во рок од 6 месеци од околу 1,000 вработени нарасна на 3,500. Овојпат се преселив во Словачка повторно сам, неделно патувајки помегју Трнава и Прага, каде останав од Септември 2017 до Мај 2019.

Каква е Чешка за живеење, ви недостига ли Македонија?


-Ние како семејство сме навикнати на Чешка и сме одомаќинети тука. Почесто фамилиите и пријателите ни доаѓаат на гости во Прага, а поретко патуваме за Македонија. Нас центарот на случувањата ни е тука, школото, работата, докторите, забарите, ни се тука, бидејѓи ние тука живееме. Со задоволство доаѓаме на посета во Македонија, каде ни се сеуште фамилиите и пријателите.

Размислувате ли евентуално за враќање во Македонија?
-Па не сме размислувале за нашите планови после пензија. Мислам дека сеуште е рано за тоа. Во меѓувреме, како што напоменав, кога ни се укажува прилика одиме на посета на роднините и пријателите.

Кој е Александар Мацков приватно има ли хоби како го поминува времето?
Времето го поминувам во кругот на најтесното семејство, сопругата и синот. Обожаваме да шетаме низ природните паркови и замоци во Чешка, и скоро секој викенд го поминуваме заедно во природа. Тоа ни помага да ги наполниме батериите и да собереме енергија за работната недела. Исто така читање, т.е слушање книги, поврзани со новите движења во општествто, И секако уште едн работа за која сега немам време (ниту пак дозвола од шефот), се ветеран автомобилите, кои се сега за сега само планови на хартија,.. И секако ја чекам вистинсата шанса и наредниот предизвик подготвен.

Валентина Ангеловска

 

 

Треба да знаете
Последни објави