СВР Тетово започна со засилени контроли за почитувањето на заштитните мерки во патничкиот сообраќај

Полицијата во полошко започна со засилени контроли кои се однесуваат на почитувањето на мерките за заштита во автобусите и комбињата кои превезуваат патници. Со контроли ќе бидат опфатени и местата на кои се собираат младите, кои според досегашните анализи, еден дел од нив не се придржуваат кон безбедносните протоколи.

По објавувањето на зголемениот број на заразени со КОВИД-19 на тетовското и гостиварското подрачје, од СВР Тетово упатуваат апел до граѓаните за доследно почитување на уредбата за носење на заштитни маски во затворен простор, автомобил, автобус и избегнување на собирање во групи со повеќе лица.

– Контролите кои се спроведуваат во овој период имаат превентивна улога во заштита од вирусот. Заради порастот на заразени со ковид 19 на подрачјето, ги потсетуваме граѓаните задолжително да се придржуваат кон препораките во соодветната владината уредба за носење на заштитни маски и други средства. На тој начин освен што ќе го заштитат сопственото здравје, ќе ги избегнат и санкциите кои се предвидени за непочитување на мерките, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Од полицијата, особено апелираат до младите да водат поголема сметка и да не се групираат во угостителските објекти или на отворено, како во паркови и дворови.

Јосифоски информира дека изминатиов период во полошко од стапувањето на сила на уредбата, со санкции се соочиле над пет илјади граѓани. Секојдневно се изготвуваат по околу сто платни налози согласно на член 6 од соодветната владина Уредба.

Во текот на изминатото деноноќие, според статистиката на СВР Тетово за периодот (9 и 10 јули) за изготвени се прекршочни платни налози за неносење заштитни маски на вкупно 86 лица (ТЕ-50 и ГВ-36).

Од полицијата информираат дека во овој период на 83 лица (ТЕ-66 и ГВ-17) изготвени им се нови решенија за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Контроли биле извршени над 703 лица во Тетовско и 142 во Гостиварско и како што наведува Јосифоски не биле констатирани неправилности околу почитувањето на решенијата.

Треба да знаете
Последни објави