Search

Димковски ги повика сите производители на земјоделски производи и традиционални специјалитети, да ги заштитат своите производи со „Ознака за потекло“, „Географска ознака“ и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет”

Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски беше во посета на општина Дојран.

Југоисточниот дел на нашата држава, изобилува со самоникнати диви смокви, посебно на подрачјето на општините Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово. Од дивите смокви, во овој крај традиционално се произведува познатото слатко од диви смокви. Сепак, слаткото од диви смокви се произведува само за домашна употреба. За да може овој вкусен традиционален производ да се пушти во слободна продажба на пазарите и да прерасне во бренд специфичен за овие простори, потребно е да се заштити со Ознака за гарантиран традиционален специјалитет.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопантсво  неодамна го објави јавниот повик наменет за финансиска поддршка за изработка на елаборати и спецификации на регистрација за заштита на називот на земјоделските и прехранбените производи со „Ознака за потекло“, „Географска ознака“ и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет”. „Ние имаме многу наши надалеку познати традиционални специјалитети кои досега не беа заштитени со ниту една од предвидените ознаки. Затоа ги,  повикувам сите оператори кои се занимаваат со производство, преработка или трговија на ист земјоделски или прехранбен производ без разлика на нивниот правен облик или состав и кои се мотивирани да го заштитат својот производ, да аплицираат на јавниот повик за кој останува уште 31 ден, заклучно со 2 август“ -изјави министерот Димковски.

Со цел да ги потикнеме нашите производители на земјоделски производи и традиционални специјалитети, да ги заштитат своите производи, во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година, одвоивме средства во висина од 1.500.000 денари. Градоначаникот на Дојран, Анго Ангов, изрази голема благодарност кон министерот Димковски за грижата кон земјоделците од овој крај и политиките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои навистина им помагаат на земјоделците. МЗШВ оваа година ќе отпочне со заштита на неколку производи и секоја наредна година ќе продолжи да одвојува средства за заштита на уште многу други земјоделски производи и домашни традиционални специјалитети, онака како што тоа се прави во останатите европски држави. На тој начин, со нашето пристапување во Европската Унија нашите заштитени производи ќе можеме да ги промовираме на европскиот пазар со заштитени ознаки.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави