Search

Не’ жигосаа, а имаме решение и бевме во самоизолација, велат граѓани неправедно објавени на листата на ДСЗИ

Низа реакции во јавноста предизвика листата на луѓе, за кои надлежните тврдат дека одбиле да примаат решенија за изолација. За некои листата е оправдана, но во редакцијата на ММС.мк се јавија загрижени граѓани кои велат дека се неправедно посрамени.

Вакво искуство доживеал штипјанец, кој побара да остане анонимен, бидејќи доволно на целото семејство им предизвикале стрес, кога им ги прочитале имињата и бара од Инспекторатот да им се извинат на сите чии лични податоци биле објавени неосновано.

-Со сопругата и детето бевме во изолација петнаесет дена, откако наша роднина со која имавме контакт, при тестирање беше позитивна на вирусот. При анкетното испрашување позитивното лице со право не’ посочи за остварениот контакт, а ние во Центарот за јавно здравје  и го потврдивме. Бидејќи сопругата работи во институција каде медицински се грижи за хронично болни пациенти инсистиравме на тестирање, при што од ЦЗЈ ни беа земени брисеви, кои подоцна се покажаа негативни. И покрај ова, седевме дома до предвидениот датум. Решението за карантин го добивме електронски, а во меѓувреме повеќе пати не’ проверуваа полициски службеници кои можат  да потврдат дека не сме направиле ниту една отстапка. Ние не направивме ништо за да се најдеме на оваа листа која служи за посочување на неодговорни и несовесни лица кон моменталната ситуација со Ковид-19 и бараме јавно извинување од надлежните“, вели штипјанецот.

Во слична ситуација  се нашло и семејство од Скопје кое влегло во државата со негативен тест направен во германска лабараторија.

-На граница потпишавме изјава за самоизолација со уредно оставени контакт информации. Осум дена секој ден ни доаѓа полиција на врата и не’ проверува, па и покрај тоа  и ние се најдовме на списокот на луѓе кои одбивале да примаат решение? Кој ќе одговара за нашиот нарушен углед? Кој ќе одговара за стресот и срамот што го доживеавме кога се прочитавме на телевизија“, вели скопјанката Соња Атанасова Исаева.

Неа ја нема на листата, но таму сепак се објавени нејзиниот сопруг, како и неговите родители.

За ваков проблем преку социјалните мрежи реагираше и скопјанката, Зорица Џингова Трпковска. Таа се нашла на листата со граѓани кои според надлежните, одбиле да го примат решението за изолација, иако веќе има ваков документ од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Целиот текст на ММС.мк

Треба да знаете
Последни објави