ДУИ го поздрави договорот за одржување на изборите

Демократската Унија за Интеграција го поздравува постигнатиот консензус денеска после интензивните консултации помеѓу политичките партии за одржувањето на изборите.

Од ДУИ велат дека консензусот, јавното здравје и избегнување на длабоката политичка криза бил нивниот конзистентен став, затоа што одржувањето на изборите без консензус ќе ја влошело ситуацијата до недоглед.

„Консензусот е нашето базично начело на функционирање на нашето мултиетничко општество затоа што го избегнува надгласувањето и маргинализацијата, додека во овој случај помага и во спречување на политичката криза“, велат од ДУИ.

Од партијата ги повикуваат  државните институции да ги подготват сите протоколи за максимална заштита на здравјето на граѓаните за време на изборната кампања, а политичките партии доследно да ги почитуваат.

Демократската Унија за Интеграција изразува благодарност до меѓународните партнери за, како што велат, нивниот конструктивен ангажман за време на постигнувањето на консензусот.

Треба да знаете
Последни објави