Турција започна операција против Курдската работничка партија во Ирак

Турските воздухопловни сили започнаа воздушни напади врз Курдската работничка партија (ПКК) во Северен Ирак како дел од новата антитерористичка операција, објави турското Министерство за национална одбрана, пренесува ТАСС.

Според министерството, турските воени авиони погодија повеќе од 80 курдски цели во Северен Ирак како одговор на зголемувањето на нападите врз базите на турската армија.

Најновата операција, наречена ‘Орелска канџа’, ги таргетира осомничените цели на ПКК во неколку региони на северот на Ирак, вклучително и во Синџар, според твитот од војската, во кој се тврди дека биле таргетирани 81 цели на ПКК, вклучувајќи засолништа и пештери.

Освен борбените авиони, во операцијата учествуваат и беспилотни летала и авиони за полнење гориво, соопшти армијата. Засега нема официјална изјава од ПКК.

Телевизискиот канал Ал-Арабија известува дека турските воздухопловни сили фрлиле околу 20 бомби врз објектите на ПКК во планините Синџар во Северозападен Ирак.

ПКК, означена како терористичка група од страна на Турција, САД и ЕУ се крена на оружје против турската држава во 1984 година. Повеќе од 40.000 луѓе се убиени во конфликтот, фокусиран во југоисточна Турција.

Турција редовно ги напаѓа борците на ПКК, како во турскиот, главно, курдски југоисток, така и во Северен Ирак, каде е стационирана групата. Турската војска ја напаѓа ПКК во северен Ирак од 1996 година, додавајќи дека борците на ПКК малтретирале воени и полициски единици долж турската граница.

Треба да знаете
Последни објави