Справувањето со КОВИД-кризата главна тема на 45. Редовен состанок на Регулаторниот борд на ЕЗ

Начините и активностите кои ги преземале регулаторните тела од регионот при справувањето со КОВИД-кризата беа главна тема на денешниот 45. Редовен состанок на Регулаторниот борд на Енергетската заедница со кој првпат претседаваше претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

-Во најголем дел сите регулаторни тела од регионот имаат преземено исти мерки – да нема исклучување на корисниците и да се подобри квалитетот на снабдувањето со електрична енергија. Радува фактот што во ниту една земја во регионот немало проблеми со снабдувањето во овој кризен период, изјави Бислимоски по завршувањето на онлајн состанокот.

Тој нагласи дека на состанокот станало збор и за формирање на заеднички пазари на електрична енергија и на природен гас.

-Најголем дел од земјите веќе го имаат усогласено своето законодавство со европското и поради тоа ја потенциравме потребата за побрзо формирање на регионални пазари. Кризата со коронавирусот покажа дека доколку постои заедничка соработка на сите чинители во рамите на Енергетската заедница полесно ќе бидат решавани проблемите кои би настанале, рече Бислимоски.

Во наредниот период, како што кажа, еден од приоритетните проекти ќе биде поврзувањето на нашиот пазар со бугарскиот, а потоа се очкува кон овој заеднички пазар да се приклучат Косово, Албанија и Црна Гора.

-Веќе во трите земји кои ќе се приклучат на овој пазар се преземени соодветни мерки и се носи подзаконска регулатива со цел кон крајот на 2021 година и тие да се приклучат на заедничкиот пазар со Бугарија кој ќе биде многу интересен и за земјите-членки на ЕУ, особено за Италија, која веќе поддржува проекти во петте балкански земји, вклучувајќи ја и Србија, потенцира Бислимоски.

Како новоизбран претседател на Регулаторниот борд, рече дека очекува во наредниот период да може да наметне повеќе теми кои ќе бидат од интерес, пред се, за нашата држава.

Треба да знаете
Последни објави