Search

Мета го поздрави заедничкото учество на партиите на Албанците на изборите во Србија

Албанскиот претседател Илир Мета ја поздрави одлуката на петте албански политички партии од општините на југот на Србија, Прешево, Медвеѓа и Бујановац на парламентарните избори на 21 јуни да учествуваат со унифицирана изборна листа.

Преку објава на Фејсбук, Мета пишува дека нивната соработка ќе гарантира зајакнување на гласот на албанското население.

„Топло го поздравувам поднесувањето на заедничката листа на албанските политички партии од Прешевската Долина за парламентарните избори на 21 јуни. Убеден сум дека масовното учество на Албанците на изборите, соработката на сите политички субјекти за зголемување на застапеноста на Албанците, како и нивната тесна соработка со меѓународната заедница ќе гарантираат зајакнување на гласот на албанското население, за исполнување на нивните легитимни барања и права во Србија, напиша Мета.

Претставниците на Албанците од Прешевската Долина за албанските медиуми изјавиле дека е од големо значење што политичките партии постигнале договор за заеднички настап на изборите и оти нивна цел е да достигнат најмалку три места во српскиот парламент.

Обединувањето на политичките партии на Албанците од Прешевската Долина беше постигнато со залагање на официјална Тирана.

Тие во јануари годинава во Тирана, во присуство на овластениот министер за Европа и надворешни работи, Гент Цакај потпишаа договор за создавање заедничка кандидатска листа за учество на парламентарните избори во Србија.

-Денес албанските политички претставници на Прешевската Долина го дадоа највредниот и најзначаен пример за тоа колку партиските разлики можат да се артикулираат во рамките на еден национален став. Денешното обединување им служи на граѓаните на Долината, но и на Албанците каде и да се, рече тогaш Цакај, кој по потекло е од Косово.

Тој додаде дека загриженоста на Албанците во Прешевската Долна во исто време е загриженост и на албанската Влада и оти нема да се колеба да ја поддржи заедничката листа.

Политичките партии на Албанците од Прешевската Долина, Партијата за демократска акција, Алтернатива за промени, Демократската партија, Движењето за реформи во ДПА и Движењето демократски напредок, настапуваат под слоганот „Албанска демократска алтернатива – обединета долина”.

Треба да знаете
Последни објави