Search

Дисингер: Го добив „чудото“ што ми требаше за да останам во Вардар

Кристијан Дисингер, беше меѓу првите ракометари што го продолжи договорот со европскиот шампион Вардар за следната сезона, иако на почетокот на годината најавуваше дека ќе биде вистинско чудо ако остане во Скопје.

Германскиот лев бек во интервју за www.morgenweb.de  објасни дека ја донел одлуката откако новиот сопственик, Михајло Михајловски го уверил дека се ќе биде во ред и дека ќе ракометарите ќе мислат само на ракомет, пренсеува „24 Ракомет“.

-Мојот менаџер, јас и новиот сопственик Михајловски ги договоривме сите детали и јас ќе останам во Скопје уште една сезона. Кажав и лани пред дуелот со Барселона дека чуда се случуваат, па така беше и сега. Се се движи во вистинска насока. Но не сакам да преживеам уште една сезона како минатата кога немаше плата неколку месеци. Беше тешко да се фокусирам на ракомет. Сега сум убеден дека се ќе биде подобро. Новиот сопственик Михајловски ме увери дека ќе нашите пари ќе ги добиваме секој месец. Немам причина да се сомневам во тоа бидејќи тој ми остави сериозен впечаток. Не сум јас единствениот што мисли така и што ќе остане во Вардар – тука ќе бидат Стојанче Стоилов, Тимур Дибиров и Иван Чупиќ. Сите сакаме да му дадеме нова шанса на овој проект и да веруваме дека заедно ќе изградиме нешто со уште неколку млади играчи, изјави Дисингер.

Германецот вели дека направил вистински чекор во кариерата со тоа што пред две години се преселил во Вардар.

-Тоа беше вистинска одлука. Имав неколку понуди и тогаш дојде онаа од Вардар, па си мислев,тимот е навистина силен и со малку среќа може да направиме нешто. Тоа беше освојување на титулата во ЛШ. И покрај тоа што финансиски не беше најидеално, желбата за авантура беше голема. Сакав да одам во земја во која не знам што да очекувам. Првата година беше неверојатна. Не бевме тим, туку едно големо семејство, вели Дисингер.

Пречекот во Скопје по освојувањето на трофејот во елитното ракометно натпреварување комплетно го изненадил Дисингер. Дотогаш сметал дека такво нешто има само во фудбалот.

-Беше неверојатно. Секој спортист сонува за такво нешто. Огромен број луѓе не чекаа на аеродромот, чекаа повеќе часови да слетаме. Потоа со отворен автобус не одведоа до центарот на градот. Вообичаено тоа трае од 15 до 20 минути, но нашето возење траеше два и пол часа затоа што насекаде имаше луѓе кои се радуваа со нас. Луѓе имаше по прозорците, по мостовите, околу автобусот. Не пречекаа околу 300.000 луѓе. Искрено, дотогаш мислев дека тоа го има само во фудбалот, воодушевено зборува Германецот.

Во периодов на корона-кризата, Дисингер е во Скопје. не се жали од тоа што останал. Се подготвува да оди во Германија, но за тоа ќе му требаат и дополнителни дозволи поради преминувањето на повеќе граници. Во интервјуто ја објаснува целата ситуација овде, полициските часови и неможноста да се излезе од дома. Добро е, вели, што конечно се отворени рестораните.

Треба да знаете
Последни објави