Јоксимовиќ: Србија нема донесено одлука за придружување во ЕУ по новата методолигија

Србија нема донесено одлука дали процесот на придружување во Европската унија (ЕУ) ќе го продолжи според новата методологија, затоа што сè уште нема добиено јасен одговор од европските партнери што тоа конкретно значи, изјави српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Јоксимовиќ за Радио Слободна Европа кажа дека Србија не е против новата методологија, но прво мора да знае како со неа ќе се оценува досегашниот напредок.

-Нас нè интересира дали во пристапен процес ќе ги отвориме речиси сите кластери одеднаш, затоа што имаме отворено некои од поглавјата, изјави Јадранка Јоксимовиќ, додавајќи дека за Србија ќе биде полесно да се изјасни кога ќе добие одговор.

Таа напомена дека ова прашање им го поставила на повеќето колеги во Европа и претставници на Европската комисија, додавајќи дека не постои одреден рок за изјаснувањето на Србија.

-Поради променетите приоритети во Европа за време на пандемијата на коронавирус, се обидов нашите прашања да ги проследам преку директна комуникација. Ќе испратиме и писмено прашање, бидејќи верувам дека е потребно разјаснување и верувам дека ќе добиеме одговор за тоа како ќе се применува новата методологија, изјави Јоксимовиќ.

Таа истакна дека Србија е длабоко во преговарачкиот и пристапен процес и дека досега отворените поглавја покажуваат напредок во реформските области на владеењето на правото, правдата, слободата и безбедноста, поради што со примена на новата методологија, овој напредок не би смеел да биде намален, туку унапреден.

Колегиумот на комесари на ЕУ на 5 февруарија ја усвои методологијата на процесот на пристапување за Северна Македонија и Албанија.

На Србија и Црна Гора, кои напредуваа најмногу во преговарачкиот процес, оставено им е да избираат – да продолжат како досега или да преминат на новата постапка во која наместо засебни поглавја, ќе се отворат и затвораат шест области, односно кластери што ќе ги вклучат сите поранешни 35 поглавја.

Клучен услов за напредок во кој било кластер е владеењето на правото, т.е. поглавјата 23 и 24, кои последни ќе бидат затворени.

Треба да знаете
Последни објави