Османи: За првпат чувствуваме дека сме внатрешно прашање на ЕУ

Во касарната “Гоце Делчев” во општина Аеродром, денеска Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Национален координатор за распределба на странска помош во земјава, Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски, во присуство и на Амбасадорот на Австрија Н.Е. Георг Вуцас, денеска ја примија донацијата која преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, Република Австрија ја обезбеди за нашата земја како поддршка во борбата против КОВИД 19.

“Не е прв пат земјава да го ползува Цивилниот механизам на ЕУ за поддршка во време на кризи, така беше и пред неколку години кога земјава беше соочена со предизвиците од поплавите, што укажува на функционалноста на Цивилниот механизам, како платформа за блиска соработка меѓу земјите од Европа”- истакна Османи, при што посочи дека нашата држава покрај Европскиот механизам за цивилна заштита, е директно вклучена и во останатите заеднички политики на ЕУ за справување со предизвикот на пандемијата, како што се заедничката јавна набавка на медицински средства и материјали; размената на информации и стекнати знаења за справување со коронавирусот; исклучување на земјата од извозните ограничувања за медицински материјали и заштитна опрема, а е вклучена и во Европскиот солидарен фонд, за справување со економско – социјалните последици од пандемијата.

“Ова е од исклучителна важност затоа што покрај заштитата од коронавирусот и справувањето со пандемијата, е показател и на интеграцијата на земјава во европските институции, политики и воопшто во европските текови” – додаде Османи, притоа потенцирајќи дека нашиот успех во справуањето со КОВИД-19 се должи и на нашата интеграција и поддршка која ја имаме од Европската Унија и земјите – членки, поддршка која ќе се прошири и на справувањето со економско – социјалните последици кои ќе ги дочекаме соодветно подготвени.

Треба да знаете
Последни објави