Search

Спасовски на самитот на ЦЕИ: Длабоко сум уверен дека заеднички ќе ја надминеме кризата со КОВИД-19 и брзо ќе ги опоравиме нашите економии со несебична солидарност

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска учествуваше на вонредниот самит на Централно европската иницијатива посветена на договорите за соработка против пандемијата од КОВИД-19.
На самитот на ЦЕИ, со кој претседаваше премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ, учествуваа и премиерите на Албанија – Еди Рама, на Бугарија – Бојко Борисов, на Хрватска – Андреј Пленковиќ, на Молдавија – Јон Чику, на Украина – Денис Шмихал, како и еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ – Оливер Вархеји, директорот на Европската банка за обнова и развој – Сума Чакрабарти, генералниот секретар на ЦЕИ – Роберто Антонионе, и регионалниот директор за Европа на Светската здравствена организација – Ханс Хенри Клуге.
Обраќањето на премиерот Спасовски на самитот ви го пренесуваме во целост:
Дозволете ми најпрво да ја изразам нашата искрена благодарност до Централно-европската иницијатива (ЦЕИ),
До пријателска Црна Гора, за покажаната креативност и посветеност на претседавањето со ЦЕИ,
Како и до претставниците на земјите членки на ЦЕИ, и до високите претставници на Европската комисија, Светската здравствена организација и Европската банка за обнова и развој кои се денес со нас, за можноста да го одржиме овој самит во дигитална форма, нешто што стана наша секојдневна реалност.
Пандемијата предизвикана од новиот коронавирус ја истакна важноста и потребата од глобална, Европска и регионална соработка. Покажа дека делиме иста административна култура и пракси, но го подвлече и високото ниво на социо-економска меѓузависност помеѓу ЕУ и економиите на Западен Балкан.
Благодарни сме за демонстрираната солидарност и помош од страна на ЕУ во форма на итна поддршка за здравствениот сектор, финансиски пакет за соочување со социо-економските последици како и макро финансиската помош која ќе биде нивно важно надополнување. Исто така високо го цениме и обезбедениот пристап до останатите ЕУ механизми и инструменти како и заедничките напори безбедно да ги вратиме нашите затекнати граѓани дома.
Во оваа насока ја поздравуваме и високо ја цениме демонстрираната подготвеност и на ЦЕИ да даде свој придонес во опоравувањето и надминување на економско социјалните последици од КОВИД-19 кризата.

Владата на Република Северна Македонија уште од првиот ден на пандемијата посвети големо внимание и имплементираше заштитни мерки во согласност со препораките на СЗО. Тимот за кризен менаџмент и министерството за  здравство успешно ја контролираа ситуацијата преку мерките кои ги носеа заедно со Владата на РСМ. Со намалувањето на нови случаи, Владата воведе одредени олеснувања на првичните мерки, кои согласно новите состојби постепено дополнително ќе се ревидираат.
Нашите здравствени системи, иако се соочуваат со различни предизвици, покажаа високо ниво на организираност и функционалност во справување со КОВИД-19. Меѓутоа, одредени предизвици со кои се соочивме на почетокот од кризата укажаа и на потребата од засилена поврзаност во регионот, но и во самата ЕУ.
Од тие причини, ние целосно ја поддржуваме иницијативата на Генералниот Секретар на ЦЕИ заедно со Регионалната Канцеларија на СЗО за формирање на Оперативна Единица (Task Force) која ќе соработува во областа на науката и медицинските истражувања, како и на споделување на информации околу напредокот во борбата против КОВИД-19.
Република Северна Македонија, а верувам и останатите земји, ќе ги стават на располагање своите експертски капацитети заради унапредување на нашата меѓусебна соработка. Тоа ќе ни даде чувство на сигурност дека набрзо заедно ќе се справиме со товарот на кризата.
Секогаш ставајќи го јавното здравје и добросостојбата на нашите граѓани на прво место, мораме да останеме свесни и за товарот кој се предизвика врз нашите економии. Владата на Северна Македонија презеде навремени мерки за поддршка на малите и средни претпријатија, како и за зачувување на работните места на граѓаните.
Сите предвидувања посочуваат дека не очекува пад на глобалниот БДП и значајни економски предизвици. Затоа време е, полека да преминуваме од кризен менаџмент во фаза на закрепнување на економиите и затоа е најбитно сега да размислуваме кои би биле нашите следни чекори.
Во таа насока го поздравуваме Повикот на ЦЕИ за предлог проекти како одговор на кризата со КОВИД-19. Знаеме дека одѕивот е огромен, што покажува дека нашите компании и цивилното општество се погодени од кризата, но истовремено дека тие се и посветени да придонесат за надминување на економско-социјалните последици со нивни идеи и иницијативи.
Дополнително, сакам да ја поздравам посветеноста на ЦЕИ преку нејзиниот Фонд во Европската банка за обнова и развој, во поддршка на проектите за инфраструктурно поврзување со регионална димензија кои се дел од нашите стратешки планови и не обврзуваат да продолжиме да работиме заедно за нивна реализација.
Во оваа насока би сакал да го издвојам проектот за Северна Македонија кој оваа недела беше одобрен за подготовка на Студија за проценка на биодиверзитетот и детектирање на потенцијалните ризици и влијанието на градежните активности за реализација дел од автопатот Гостивар-Кичево, дел долг 42км, лоциран во западниот дел на Коридорот VIII, кон Албанија. Благодариме за поддршката, и цврсто веруваме дека имплементацијата на овој проект дополнително ќе ја зајакне регионалната соработка.
На крајот би сакал да завршам со констатацијата дека сум длабоко уверен дека заеднички ќе ја надминеме оваа криза и брзо ќе ги опоравиме нашите економии.
И покрај првичните тешкотии, регионот и Европа покажаа несебична солидарност во моментите кога беше најтешко и кога меѓусебното разбирање и дејствување беше најпотребно.
Честитки упатувам и до Црна Гора, за успешното претседавање со ЦЕИ, во овие исклучителни моменти, и за поттикнување на заедничките напори за надминување на заедничката криза.
Како лидери на нашите земји и граѓани подготвени сме, заедно со драгоцениот придонес на регионалните иницијативи како ЦЕИ, која впрочем е најстарата регионална иницијатива од ваков вид, да ја зајакнеме нашата меѓусебна соработка и да ги надминеме предизвиците.
Треба да знаете
Последни објави