Search

ФБИ по грешка откри саудиски дипломат осомничен за помагање на терористи

Адвокатите на ФБИ по грешка го обелодениле идентитетот на саудискиот дипломат за кој агентите се сомневаат дека помогнал во обезбедувањето круцијална поддршка на терористите на Ал-Каеда кои ги извршиле нападите на 11 септември 2001 година, пренесува „Њујорк пост“.

Името на дипломатот се појавило во судските документи поднесени во април, кои беа отпечатени кон крајот на минатата недела во судска постапка што ја покренаа семејствата на жртвите од 9/11 кои ја обвинија саудиската Влада за помагање на нападите.

Саудискиот дипломат Мусаид Ахмед ал-Џара, го блокирал своето име во целост, но се појавува на едно место во документот, а ФБИ призна дека тоа се случило по грешка. Џара беше официјален претставник на саудиското Министерство за надворешни работи во Саудиската амбасада во Вашингтон во 1999 и 2000 година.

Поткрепеноста на доказите против Ал-Џара не е позната, иако некои иследници веруваат дека тој им наложил на други лица да им помогнат на терористите да се населат во САД откако дошле во Лос Анџелес во 2000 година.

Официјалниот став на федералната влада се заснова на извештајот од 2004 година за наодите од Комисијата за 9/11 во кој се вели дека „не е најден доказ оти саудиската Влада како институција или високи официјални претставници на Саудиска Арабија индивидуално ја финансирале организацијата“.

Во извештајот се вели дека Саудиска Арабија е примарен извор на финансирање за Ал Каеда, при што екстремистичката организација добива средства од богати лица и корумпирани добротворни организации, но не може да се поврзе со саудиската Влада.

Саудиските власти континуирано негираа дека помагале во нападите, но портпаролот на тужителите смета дека објавувањето на името на саудискиот дипломат по грешка е големо откритие.

„Ова покажува дека постои комплетно прикривање на саудиската инволвираност од страна на владата“, вели  Брет Иглсон, портпарол на семејствата. „Тоа покажува дека постоела хиерархија на команда што доаѓа од Саудиската амбасада во Министерството за исламски работи [во Лос Анџелес] до киднаперите“.

Треба да знаете
Последни објави