Мицотакис: Не завршивме со коронавирусот, потребна е индивидуална одговорност

Немаме завршено со перипетијата со коронавирусот. Направивме важни чекори напред, но за да не бидеме принудени повторно да отстапиме и евентуално да ги заостриме мерките, како што бевме принудени пред неколку седмици, потребна е колективна соработка и индивидуална одговорност, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на информативната средба со надлежните министри и раководството на Противпожарната служба на Грција во пресрет на периодот за заштита од пожари, Мицотакис се осврна и на актуелната ситуација со коронавирусот и последните случувања во земјата, велејќи дека го загрижува фактот што гледа дека некои луѓе не се придржуваат до мерките, како што е одржувањето растојание, а истакна дека особено е важна и потребна индивидуалната одговорност.

Се осврна и на појавата од изминатите денови, полни плоштади во грчките населби, особено во вечерните часови и претежно со млади лица.

– За да можеме постепено да му се вратиме на ритамот на нашиот живот, за да му се вратиме на нашето секојдневие и да се бориме со големата економска рецесија што доаѓа, треба сите да покажеме зголемено чувство на одговорност. Ова не е поле ниту за политичка ниту за идеолошка конфронтација. Ниту даваме некој вид отпор со тоа што се собираме на плоштад, без да ги одржуваме основните правила за хигиена, рече Мицотакис изразувајќи надеж дека граѓаните ќе ја покажат истата одговорност како и во изминатите два месеци.

Треба да знаете
Последни објави