Search

Хрватските претприемачи очекуваат пад на БДП до 20 проценти

Бруто домашниот производ на Хрватска сигурно ќе падне за повеќе од 10 проценти во 2020 година, можеби и до 20 проценти, со истовремено голем пад на туризмот и на извозот меѓу 10 и 30 проценти, покажуваат резултатите од анкетата спроведена меѓу претприемачите.

Според истражувањето, хрватската економија ќе закрепнува двојно подолго од светската економија, при што Хрватска ќе влезе во период на ненадејна рецесија.

Истражувањето е спроведено по електронски пат на примерок од 200 претприемачи, сопственици и директори на компании, во периодот од 30 април до 6 мај, со цел да се добијат ставовите на деловната заедница во Хрватска за водење бизнис во криза и претприемачки проценки за тоа како кризатата ќе се одрази на нивниот бизнис и економијата како целина.

Како што пренесува Слободна Далмација, една четвртина од претприемачите оценуваат дека падот на БДП ќе биде 10 проценти, додека дури 21 отсто веруваат дека тој ќе биде поголем од 30 проценти. Вкупно 75 проценти од испитаниците очекуваат пад на туризмот од над 30 проценти, а речиси половина очекуваат пад на извозот од 10 до 30 отсто, додека 25 проценти очекуваат пад на извозот за повеќе од 30 отсто.

Исто така, хрватските претприемачи веруваат дека сето ова ќе доведе до пад на цените на недвижностите, индустриското производство, просечната нето-плата, како и на странските инвестиции.

Тие исто така очекуваат дека стапката на невработеност ќе се искачи на 30 проценти и дека индексот на корупција може да се зголеми за 20 до 30 проценти.

Хрватските претприемачи се пооптимистични кога станува збор за закрепнување на светската економија, која според 69 проценти од испитаниците ќе закрепне за една до две години.

Според анкетата, 63 проценти од компаниите сметаат дека нема да издржат подолго од шест месеци во случај на појава на втор бран на епидемијата на новиот коронавирус. 

Треба да знаете
Последни објави