Search

СЗО: Клинички да се испита хербалната напивка „Ковид-органикс” од Мадагаскар

Светската здравствена организација ги советува владите клинички да ја тестираат хербалната напивка промовирана од претседателот на Мадагаскар, Андри Раџоелина, како лек против новиот коронавирус, објави „Гардијан”.

„Ковид-органикс” потекнува од артемисија – растение со докажани антималарични својства – и други автохтони билки. Раџоелина се надева дека ќе го дистрибуира напитокот низ Западна Африка и пошироко, и тврди дека лекува пациенти со Ковид-19 во рок од 10 дена.

Екваторијална Гвинеја, Гвинеја Бисау и Нигер веќе добија пратки од тој хербален лек, а за тоа се заинтересирани и други земји, како Танзанија чиј претседател испрати авион да биде донесен лекот во неговата држава.

Светската здравствена организација (СЗО) постојано предупредува дека нема објавени научни студии за тој хербален лек и дека неговите ефекти не се тестирани.

„Препорачуваме претпазливост и ги советуваме земјите да не усвојуваат производ што не е тестиран за   неговата ефикасност”, рече директорот на СЗО за Африка, Матшидисо Моет и го повика Мадагаскар клинички да го тестира пијалокот.

Во Мадагаскар ниту еден човек не го загуби животот од Ковид-19.

Претседателот на Мадагаскар смета дека пијалокот направен на островот ќе го „промени текот на историјата”, и што е најважно, ќе се дистрибуира бесплатно на сиромашните и децата.

На другите граѓани ќе им се наплатува 30 центи за помало пластично шише или 80 центи за литар, пренесува Африкањуз. Лекот го направи приватниот Институт за применето истражување, кој истражува повеќе од 30 години употреба на традиционални лекови во Мадагаскар.

Мадагаскар, островска држава во Индискиот Океан, има 26 милиони луѓе, и пред една недела имаше 128 случаи на Ковид-19, додека денеска – 151. Оздравеле 101 лице.

Треба да знаете
Последни објави