Грците се повеќе загрижени за економската ситуација, отколку за коронавирусот

Загриженост за епидемијата на Ковид-19 изразува 63 отсто од Грците, наспроти 66 проценти кои сметаат дека во следните месеци, епидемијата и мерки ќе влијаат врз нивната економска состојба, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата за рејтинг „Pulse”  за грчката телевизија „Скај”,спроведено по завршувањето на карантинот во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од анкетираните, 75 отсто ги оценуваат позитивно (сигурно или веројатно позитивно) одлуките на владата за справување со епидемијата, а шест од десет испитаници (63 проценти) велат дека олабавувањето на мерките дошло во соодветен момент).

На политичката сцена во Грција, според истражувањето, Нова демократија е во предност од 20,5 отсто во однос на СИРИЗА. На прашањето „Ако следната недела се одржат избори, за кого би гласале?”, владејачката партија добива 42,5 проценти, а опозициската 22 отсто.

Во однос на тоа кој е посоодветен за премиер, Кирјакос Мицотакис добива 51 отсто, 28 проценти повеќе од лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас (23 отсто).

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата за рејтинг Pulse за грчката телевизија „Скај” било спроведено од 4 до 6 мај, односно по укинувањето на забраната за движење на граѓаните во Грција, а биле анкетирани 1.207 лица со право на глас.

Треба да знаете
Последни објави