Search

Тројца руски доктори паднале низ прозорци за време на пандемијата

Руски лекар паднал низ болнички прозорец откако се пожалил за состојбите во кои мора да работат здравствените работници за време на пандемијата на коронавирусот. Ова е трет ваков случај од почетокот на епидемијата во Русија.

Александар Шулепов (37) во моментов се бори за живот. Тој претходно снимил и објавил видео во кое тврди дека му било наредено да работи и покрај тоа што е позитивен на Ковид-19.

Тој и неговите колеги исто така предупредувале за недостиг на заштитна опрема за медицинскиот персонал во југозападна Русија.

Шулепов го снимил видеото со колегата, Александар Косјакин, кој бил повикан на полициски разговор под сомнение дека шири лажни вести, пренесува хрватски „Индекс“, повикувајќи се на британски медиуми.

Откако бил хоспитализиран поради инфекција со коронавирус, Шулепов снимил уште едно видео во кое посочил дека врз него не бил вршен никаков притисок.

За време на третманот во болницата, овој специјалист за итна помош паднал од вториот кат и се здобил со тешка фрактура на черепот и е во сериозна состојба.

Меѓутоа, ова не е прв ваков случај.

Двајца лекари неодамна починаа откако исто така паднале низ прозорец. Куриозитет е тоа што тие исто како и Шулепов предупредувале за недостаток на заштитна опрема.

Наталија Лебедева (48) починала по пад од шестиот кат на московска болница, откако колегите ја обвиниле дека го распространила вирусот.

Јелена Непомњаскаја (47), починала откако паднала низ прозорец на болницата во Краснојарск. Колегите велат дека таа се жалела на акутен недостиг на заштитна опрема за здравствените работници.

Треба да знаете
Последни објави