Search

С. Македонија бележи напредок во Бертелсман индексот за трансформација, најголем во индексот на владеење

Значителен напредок бележи Северна Македонија во 2020, споредбено со периодот пред четири години, во извештајот на Бертелсман индексот за трансформација – БТИ во повеќето од критериумите. Земјата бележи скок од 14 места на листата, а најголем напредок, од 19 места, има во индексот на владеење.

Од земјите во регионот најдобро рангирана е Црна Гора на 27 место, додека Северна Македонија е на 30 место. По нив се Албанија на 33, Србија на 36, Косово на 49 и Босна и Херцеговина на 68 место.

-По 11 години десничарско конзервативно владеење и политичка криза во врска со трансферот на власта, новата Влада е решена да ги преизгради институциите и да ја возобнови демократијата, се наведува во извештајот.

Регионално, Северна Македонија е збирно подобро оценета од Унгарија, Србија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина и бележи значителен напредок во однос на 2018 година.

Што се однесува до индексот на владеење, Северна Македонија е подобро оценета од Бугарија, Полска, Хрватска, Албанија, Србија, Косово, Романија, Унгарија и Босна и Херцеговина.

 

БДИ прави оценка на земјите во однос на нивната политичка трансформација, економска трансформација и владеењето, а во секои од овие области има повеќе индикатори.

Во извештајот се наведува дека решавањето на тридеценскиот спор со Грција околу името ги остранило главните препреки за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ и се додава дека сетот реформи на правосудството има за цел да ја намали политичката контрола и да ја воспостави независноста на судството.

Иако е забележан одреден прогрес за подготвка на македонската економија за заедничкиот пазар на ЕУ, Северна Македонија се уште бележи слабости во сферите на образованието и иновациите, како и во сферата на инвестициите. Како забелешка во извештајот е спомената и преобемната јавна администрација.

Бертелсман индексот за трансформација ги анализира процесите на трансформација на земјите во светот во однос на демократијата и развојот на пазарната економија.

Треба да знаете
Последни објави