Search

Горана 16 дена беше во индуцирана кома: Белите дробови ми беа сосема бели, ова никој не го кажува за коронавирусот

Горана Табак (49) од Сплит, сопруга на познатиот хрватски кошаркар Жан Табак, за Слободна Далмација раскажа како се справила со Ковид-19 и колку е тешка борбата. Таа се заразила во Мадрид, каде семејството Табак живее во изминативе 20 години. Борбата на Горана со Ковид-19 почнала на 11-ти март.

-Добив температура, што ми беше чудно, бидејќи не знам дека сум ја имала повеќе од три пати во животот. Два дена беше околу 37,5 степени, но потоа наеднаш се искачи на 39,6 и 41 и земав парацетамол. Но температурата не падна па се јавив во болницата и ми рекоа да не доаѓам таму, и ми објаснија како да ја спуштам. Бидејќи не се спушти, на 18 март, кога Жан се врати од Полска, каде што работеше како тренер, ме однесе во Брзата помош. Таму бев шест часа и после тоа бев малку подобра, температурата почна да се спушта. Отидовме дома, не ме задржаа во болница и ми рекоа да се вратам ако температурата сè уште не се спушти, но претходно да им се најавам за да можат да ми обезбед кревет. Температурата пак почна да скока, а после 20 март почнав да имам проблеми со дишењето и одлучивме дека морам да одам во болница, вели Горана.

Таа беше примена во болница на 22 март и се чувствувала подобро по првиот ден од хоспитализацијата. Сепак, нејзините проблеми со дишењето се вратиле, не можела да зема воздух па по одлука на лекарите, морала да се интубира.

Таа испратила пораки до пријателите и нејзиниот сопруг во несвесна состојба во која рекла дека „не верува дека ќе излезе од болницата жива“. На рендген снимката белите дробови ѝ биле сосема бели и докторите не можеле да го видат згрутчувањето на крвта. Во индуцирана кома била 16 дена.

-Го повикаа Жан на 28 март и му рекоа дека се сомневаат дека ќе излезам, бидејќи мојата состојба е исклучително тешка. Бидејќи бев во индуцирана кома, не знаев дека состојбата ми се влошува. За полесно да дишам, ме свртеа на градите и во тоа време дишев малку подобро, но во таа позиција почнав да отекувам заради сите лекови што ги добивав. Така да некое време лежев на градите и тогаш ќе ме свртеа на грб или на страна, а потоа на градите повторно и така натаму и така натаму, вели Горана.

Таа се присеќа дека многу пати губела свест и ја реанимирале. Кога веќе не знаеле што со неа, лекарите ѝ отвориле трахеостома на вратот. Штом ја направиле дупката влегле внатре со мокрокамери и го нашле згрутчувањето кое не можеле да го видат на снимката и веднаш ја оперирале. Не се сеќава на операцијата, но знае дека била подобра после тоа. Таа останала приклучена на респираторот.

-Кога се разбудив, бев потполно неподвижна. Можев да движам само два прста од десната рака и очите. Не можев да зборувам, моето тело беше целосно мртво. Во тој момент посакав да ме исклучат од апаратите и да умрам затоа што не можев да ја прифатам можноста целиот живот да останам во оваа вегетативна состојба, додава таа.

Десетина дена по будењето не можела да заспива, а не можеле ниту да и ја затворат дупката во грлото.

-Бидејќи фалеше персонал се менуваа лекари од разни специјализации. Лесно е кога работи оториноларинголог, но кога тоа го прави ортопед кој тоа никогаш не го правел, тоа е многу болно. Бидејќи многу ми се собираа крвни згрутчувања постојно ми ги вадеа низ грлото, и тоа е многу болно, вели Горана.

Горана ја напуштила болницата на 24 април по 32 дена, а за време на третманот изгубила 23 килограми и вели дека го слави својот втор роденден.

-Не знам како се заразив. Одам во теретана, трчам, спортувам, не пијам лекови, никогаш во животот не сум била болна. Од сите тие таблети и чуда на фармацеутската индустрија имав халуцинации, ништо не ми беше јасно. Единствено ми беше јасно дека морам да се борам и да победам. Морам да продолжам да живеам, но ова ќе го паметам целиот мој живот. Се надевам дека по оваа моја приказна никој нема да рече дека вирусот на корона е само малку посилна настинка. Коронавирусот е нешто од кое луѓето умираат, и тоа не оние кои се постари и кои страдаат од хронични заболувања. Умираат и тие помеѓу 30 и 40 години, многу од нив овде во Шпанија. Јас, на моја среќа и среќа на моето семејство, останав жива, ја измамив смртта, заклучува Горана.

Треба да знаете
Последни објави