Search

Податоците покажуваат дека епидемијата во Србија се смирува, а за граѓаните ќе има полициски час од четврток до понеделник

Србија досега има евидентирано 8.724 заразени лица со коронавирус, 173 починати и 1.292 излечени граѓани, јави дописникот на МИА од Белград.

Во изминатите 24 часа, тестирани се 5.579 лица, од кои бројот на позитивни на вирусот изнесува 227 лица, што за прв пат изнесува 4 отсто, со што вкупно во Србија има 8.724 потврдени случаи на Ковид 19, изјави на владината прес конференција членот на кризниот штаб епидемиологот Дарија Кисиќ.

Вкупниот број тестирани лица заклучно со денес во Србија изнесува 78.942 лица, а досега се излечени 1.292 пациенти, меѓу кои и 39 лица кои биле на респиратор.

Во Ковид болниците и привремените центри хоспитализирани се 2.470 пациенти, од кои со влошена клиничка слика се 78 лица кои се ставени на респиратор.

Од вирусот во изминатите 24 часа починати се 5 лица, 3 мажи и 2 жени, со што вкупниот број на починати се искачи на 173 лица, со процент на смртност од 1,98 отсто.

Во 33 установи на социјална заштита и домови за стари лица позитивни на вирусот се 570 штитеници и 130 вработени.

Епидемијата со коронавирус е евидентирана во сите градови во Србија, а процентуално најмногу во Белград, изјави Кисиќ.

-Анализирајќи го бројот на потврдени случаи на вирусот во однос на градовите, во Белград има најмногу случаи на заразени или 2.122 граѓани се позитивни на вирусот што преставува 27,38 отсто од вкупниот број на заразени, потоа следи Ниш со 1.189 заразени или 15,34 отсто, додека во останатите градови, како Чуприја, Лесковац, Ваљево, Алексинац, Нови Сад и други имаат меѓу 1 и 2 отсто заразени во однос на вкупниот број на евидентирани случаи, изјави Кисиќ, која оцени дека коронавирусот „се помалку циркулира во градовите, за разлика од помалите места, што е добар показател”.

Епидемиологот Предраг Кон оцени дека најновите податоци охрабруваат и покажуваат дека во Србија се смирува епидемијата.

-Податоците укажуваат на смирување на епидемијата, можеби на нејзино гаснење, но мора и понатаму да бидеме внимателни, бидејќи таа наоѓа простор да навлезе, каков што е случајот со геронтолошките центри, оцени Кон, кој додаде дека кризниот штаб на струката има цврст став, „острите мерки да останат уште овој викенд, за првомајските празници, а по укинување на мерките, во свеста мора да ни остане најважното-забраната за контакти и заштитата на старите лица.”

За српските државјани кои доаѓаат од странство, времето на задолжителниот карантин е намалено од 24 на 14 дена.

Во Србија денес се отворија парковите и шеталиштата, дозволени се спортските тренинзи, а на сила е забрана за движење од 18 часот до 5 часот наутро. Српската влада соопшти дека забраната за движење за првомајските празници ќе трае од четврток, 30 април од 18 часот до понеделник, 4 мај до 5 часот.

Треба да знаете
Последни објави