Брнабиќ ги пофали мерките, а опозицијата ја бојкотираше собраниската седница

Српската премиерката Ана Брнабиќ денеска во Собрание го бранеше пред пратениците ставот дека Србија имала навремени, паметни и целисходни мерки, дека демонстрирала одговорна државна политика со препораки на струката и дека успеала да го спречи експоненцијалниот раст на заразата со новиот коронавирус, јави дописникот на МИА од Белград.

– Од почетокот имавме две цели, прво да го заштитиме нашиот здравствен систем и втората да го заштитиме животот на нашите најстари сограѓани и хронични пациенти, кажа Брнабиќ на првата седница на Собранието од воведувањето на вонредната состојба, додавајќи дека Србија има најниска стапка на смртност во овој дел на Европа со 1,9 и е втора според бројот на направени тестови.

Таа ја спореди ситуацијата во Србија со земјите со најголема криза, како што се Италија и Шпанија, посочувајќи дека Србија забранила собири, ги затворила училиштата и границите пред да биде регистрирана првиот смртен случај, додека други земји тоа го направиле 12 или 15 дена со задоцнување, што имало големи последици.

Брнабиќ оцени дека Владата е критикувана за воведувањето на вонредна состојба и на репресивните мерки, уривањето на институциите и кршење на човековите права, додавајќи дека 27 европски држави имаат прогласено вонредна состојба.

– Сега гледаме дека сме на надолна патека, сè уште не можеме да објавиме победа над вирусот, но мислиме дека ќе можеме да го сториме тоа наскоро, кажа Брнабиќ, најавувајќи дека се во тек подготовките за враќање во нормална состојба до моментот кога ќе биде пронајдена вакцина, а епидемиолошката студија за здравјето на граѓаните ќе започне од 4 мај.

Говорејќи за економските мерки, Брнабиќ истакна дека „Србија е меѓу седумте земји во светот кои издвоиле над 10 проценти од бруто домашниот производ за поддршка на економијата, како што се САД, Кина, Австралија, Велика Британија, Франција и Германија”.

На почетокот на седницата, пратениците со минута молчење им одадоа почит на сите граѓани кои починаа од последици на Ковид-19.

На агенда на денешната собраниска седница, која се одржува согласно мерките за заштита од епидемијата, потврдена е Одлуката за прогласување вонредна состојба и Предлогот на Законот за потврда на уредбите донесени од Владата со заеднички потпис на претседателот Александар Вучиќ за време на вонредната состојба.

Пратениците на партиите и движења на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) не присуствуваат на седницата, бидејќи како што порачаа вчера со тоа би го поддржале кршењето на Уставот, барајќи оценка на уставноста за воведувањето на вонредната состојба.

Собранието е во служба на српската Влада и овде се е обратно, наместо Парламентот да ја контролира Владата, таа ја сервисира Владата и претседателот, порачаа од СзС.

Треба да знаете
Последни објави