Search

Извозот на зелка е поголем од лани, но заработките се пониски, наведе Димковски

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, во вечерашното гостување на емисијата „Топ Тема” на телевизија Телма, наведе дека споредбено со истиот квартал минатата година, сега има поголем извоз на зелка но заработката е помала, оценувајќи дека тоа се должи на негативното наддавање на цените на трговците.

– Во моментот може да споредиме и да кажеме дека количински, извозот на зелка е многу поголем од истиот период минатата година. На пример, ако минатата година некаде околу 38 милиони килограми зелка е извезено, оваа година веќе до април, зборуваме до 26 април имаме околу 44 милиони килограми извезена зелка. Што значи имаме околу седум милиони тони, грубо кажано поголем извоз. Но, жално е што ако ги споредиме цените, имаме помалку извоз во пари. Ако минатата година сме имале 17 милиони евра извоз во пари, до април сега имаме 11 милиони, нагласи Димковски.

Министерот оцени дека тоа се должи на негативното наддавање на цените што ги нудат земјоделците.

Тој рече дека е незадоволен и иритиран бидејќи на состанокот со производителите апелирал сите да нудат иста цена на откупувачите од странство, а да се натпреваруваат со квалитет и услуга.

– Кој го следи пазарот, за зелката ќе може да види дека трговците одат со она негативно наддавање. Односно оној кој што ќе понуди пониска цена за да го земе клиентот или муштеријата некаде во некоја европска држава, рече Димковски.

Тој нагласи дека зелката е број еден од сите градинарски производи, што значи дека има поголем извоз на таа градинарска култура од извозот на домати. Истакна дека за тоа придонесува што зелката ја има преку целата година, додека доматот е сезонски производ.

Имено, Владата на денешната седница ја донесе интервентната мерка за стабилизирање на пазарот со зелка од домашно производство. Корисници на мерката се земјоделски стопанства кои имаат засадени површини со зелка, а оствареното производство го имаат продадено кај регистриран откупувач, запишан во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, финансиската поддршка од три денари по килограм ќе се исплати за количини продадени од 5 април до 5 мај 2020 година.

Треба да знаете
Последни објави