ОН предупредува дека мерките воведени во некои земји ги кршат човековите права

Високиот комесар на ОН за човекови права денес ги повика државите ширум светот да го почитуваат владеењето на правото во време на пандемијата на коронавирус, пред се преку ограничување на вонредните мерки со цел да се избегне катастрофа за човековите права.

„Нарушувањето на правата како што е слободата на изразување може да предизвика неизмерна штета во напорите преземени за спречување на Ковид-19 и подоцна да доведе до опасни социо-економски последици“, се вели во соопштението на Мишел Башеле.

ОН особено се загрижени што мерките и законите воведени во некои земји се однесуваат на нејасно дефинирани прекршувања, понекогаш придружени со тешки казни и стравува дека може истите да се искористат за замолчување на медиумите и со цел да се запре критиката на опозицијата.

„Со оглед на вонредната природа на кризата, јасно е дека на државите им се потребни дополнителни овластувања за да се спротивстават на тоа. Меѓутоа, доколку не се почитува владеењето на правото, состојбата на санитарна итност би можела да стане катастрофа за човековите права чии штетни ефекти на долг рок би ги надминеле оние на самата пандемија“, рече Башеле.

„Владите не треба да користат овластувања што произлегуваат од вонредната состојба како оружје за да ја замолчат опозицијата, да го контролираат населението или да останат на власт“, ​​предупреди таа.

Високиот комесар истакна дека специјалните мерки или вонредната состојба треба да бидат сразмерни, недискриминаторски и временски ограничени и дека тие треба да имаат соодветен парламентарен, судски или јавен надзор.

Треба да знаете
Последни објави