Search

Казни за 16 штипјани, осум скопјани и двајца битолчани за непочитување на полицискиот час

Штипското обвинителство поведе постапка за 16 лица кои не гo почитувале полицискиот час, пеш или со возила се движеле низ градот во временски период кога во сила била забраната за движење на населението на територијата на државата.

Со овие дејствија сите обвинети во одделни кривично правни настани го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство Штип со поднесувањето на предлозите за издавање на казнени налози за сите обвинети, на надлежниот суд му предложи, за петмина од нив да изрече парична казна во висина од 50 дневни глоби, секоја од нив во вредност од 10 евра во денарска противвредност.

За 11 лица кои обвинителството ги товари за истото кривично дело е побарана парична казна во висина од 100 дневни глоби секоја од нив во висина од по 20 евра во денарска противвредност.​

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлози за определување казнени налози против осум лица, кои ја прекршиле Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија.

Обвинетите, во одвоени кривично-правни настани, биле затекнати надвор од своите домови за време на полицискиот час. На тој начин тие го сториле кривичното дело што им се става на товар – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Надлежните јавни обвинители за сите обвинети му предложија на Основниот кривичен суд Скопје да определи парични казни од по 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.​

Основното јавно обвинителство Битола поднесе предлози за издавање казнени налози против две лица кои во одделни кривично правни настани го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите не ги почитувале мерките со кои се определува забрана за движење на населението на територијата на Република Северна Македонија во одреден временски период, па на 21 април и на 23 април, се движеле пеш низ градот за време додека во сила бил полицискиот час.

За стореното, обвинителството на надлежниот суд му предложи на двајцата обвинети да им изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби секоја од нив во висина од по 20 евра во денарска проиввредност.​​

Треба да знаете
Последни објави