Search

ЕУ самитот за излез од економската криза заврши без значаен напредок

Лидерите на ЕУ кои повторно се состанаа денеска преку видеоконференција во обид да постигнат согласност за начинот на кој ќе си помогнат за излез од длабоката криза во која влегува Унијата не постигнаа конкретен компромис, топката е сега кај Европската Комисија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шефовите на држави и влади на ЕУ беа повикани денеска од ЕУ институциите да разговараат за планот за економско закрепнување, план околу кој постојат длабоки политички и идеолошки несогласувања, главно помеѓу северните и јужните земји на Унијата.

Сепак лидерите успеаја да се согласат да и дадат зелено светло на Европската Комисија за изготвување на план за инвестициски пакет за закрепнување кој ќе биде поврзан за повеќегодишниот буџет на Унијата.

Износот и деталите на овој Фонд за закрепнување ќе бидат предмет на економски анализи, но претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, на денешната прес конференција најави веќе дека во прашање се “трилиони евра”.

Буџетот 2021-2027 на Европската Унија, односно сопствените ресурси на Унијата, исто така сѐ уште не е изгласан. Износот на Фондот за закрепнување ќе зависи и од големината на овој буџет.

Фон дер Лајен посочи дека пакетот ќе биде “мешавина на грантови и позајмици”, што во дипломатските кругови во Брисел се толкува како обид за компромис помеѓу југот и северот, односно оние кои бараат споделување на товарот преку заеднички долг и фискално строгите земји како Германија и Холандија.

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, рече дека е задоволен од денешната средба и дека, во неговите очи, е постигнат важен напредок во однос на усогласувањето на ставовите на 27-те.

-Се договоривме за јасна рамка, ова е огромна криза и важно е да работиме на идната повеќегодишна финансиска рамка, да ја искористиме оваа силна алатка на солидарност, а истовремено да работиме на фондот за закрепнување, јас сум оптимист иако е ова тешко, чувствувам дека има силна политичка волја за градење компромис, изјави Мишел.

Фон дер Лајен, од своја страна, повтори дека кризата сѐ уште не е завршена и дека пикот на инфекцијата сѐ уште не постигнат во сите земји членки на Унијата.

-Последиците од економската криза ќе бидат без преседан во модерните времиња, пандемијата не познава граници, но некои земји се посилно погодени, разликите меѓу земјите членки ќе растат, рече фон дер Лајен.

Таа додаде дека е извесно дека бруто домашниот производ ќе падне во сите земји, но во некои значително повеќе, исто како што одредени сектори ќе бидат попогодени од други, како на пример туризмот.

Според нејзе само буџетот на ЕУ има капацитет да помогне да се надминат разликите и да се зајакне солидарноста помеѓу земјите. Европската Комисија ќе предложи дополнително зголемување на буџетскиот капацитет.

Треба да знаете
Последни објави