Search

Стопанска комора: Девет од десет анкетирани фирми не планираат свое целосно затворање, ниту, пак, отпуштање на работниците

Интегрален текст од видео-изјава од м-р Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања.

Денес ги објавуваме преостанатите наоди од најновата Анкета на Стопанската комора на Македонија за последиците од кризата предизвикана од корона вирусот за македонската економија и очекуваните ефекти од економските мерки на Владата. Оваа анкета имаше за цел да овозможи увид во регистрираните последици за компаниите -членки на Комората во март и очекувањата за април 2020 година. Како што посочивме и вчера, Анкетата е направена во периодот од 7 до 14 април. Анкетата вклучува одговори на компании што минатата година заедно имале вкупни приходи од 94,4 милијарди денари или 1,53 милијарди евра.

Речиси половина или 48% од анкетираните фирми се изјаснија дека нема да ги пратат работниците на принуден одмор, 19% дека ќе ги пратат на принуден одмор, 19% дека веќе ги пратиле на принуден одмор, а 13% размислуваат за друга можност.

Во однос на прашањето за отпуштање на работниците, 86,2% се изјаснија дека нема да ги отпуштат вработените, 13% дека ќе ги отпуштат, а само 0,8% дека веќе ги отпуштиле. Ова потврдува дека стопанствениците се свесни за важноста на работната сила, во која патем е и инвестирано за успешно натамошно работење на претпријатијата, а соодветно на тоа и за потребата колку што е можно повеќе да ги задржат работниците во редовен работен однос.

Во однос на финансиите, 44% од анкетираните фирми немаат проблеми со ликвидноста, додека 56%, очекувано, имаат проблеми со ликвидноста. Притоа, 65% од фирмите имаат кредити за отплата, а 35% немаат кредити за отплата.

Вкупно 81% од анкетираните фирми пријавиле одреден процент на откажување на договорените аранжмани или работа на претпријатието. Притоа, 35% од фирмите пријавиле дека процентот на откажување на договорените аранжмани или работа е поголем од 50%.

И покрај проблемите со кои се соочуваат претпријатијата во однос на производството, извозот, увозот, прометот и синџирот на добавувачи, радува сознанието дека 71% не размислуваат за затворање на претпријатието, а дополнителни 21% размислуваат за затворање само на еден дел од претпријатието. Ова може да се поврзе со фактот што дури 79% од анкетираните претпријатија работат повеќе од 10 години на пазарот. Според анкетата, 8% од анкетираните би го затвориле претпријатието во целост.

Во рамки на Анкетата, фирмите се изјаснија и во поглед на тоа која од економските мерки на Владата планираат да ја искористат.

  • Најголем дел од анкетираните фирми, 30% од нив, планираат да ја користат мерката – 14.500 денари месечно по вработен за април и мај, за компании погодени од кризата или 50% од трошоците за придонеси за секој вработен.
  • За користење на мерката – задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор се изјасниле 26% од претпријатијата.
  • Мерката – одложување на кредитите кај банките и пролонгирање на отплатите, репрограмирање, грејс период, поповолна каматна стапка и слично, ќе ја користат 12% од анкетираните претпријатија.
  • Мерката – дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови 8 милиони евра од Развојната банка на Северна Македонија ќе ја користат 7% од претпријатијата.
  • Исто толку, 7% од анкетираните фирми се изјаснија за користење на мерката – 50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка на Северна Македонија.

 

 

Треба да знаете
Последни објави