Search

Само Русија, Белорусија и Турција имаат пониски цени на бензините од Македонија

По зголемувањето на акцизата за нафтените деривати од три денари во јавноста имаше многу реакции за чекорот што го направи Владата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со трите дополнителни денари ќе се удрело врз џебот на најсиромашните граѓани, превозниците се гневни и објаснуваат дека во ваквите кризни времиња оваа мерка директно ќе влијаела врз нивната работа, претставниците на власта убедуваат дека тоа било неопходно да се направи затоа што мора да се подигне кондицијата на буџетот. Според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика прометот на нафтените деривати во државава е паднат за 40 отсто.

Во сите расправи како адут се користи фактот што цената на нафтата на берзите е драматично падната и изнесува околу 20 долари. Во САД, на пример, цената на нафтата отиде дури и во минус затоа што производителите не можеа да им ја продаваат суровата нафта на трговците, затоа што тие веќе немаа слободно место во резервоарите. Во таква ситуација производителите мораа да им плаќаат на трговците за да им обезбедат складиштен простор и со тоа цената отиде во минус. Голем дел од  вишокот на нафта се чува во танкери на отворено море затоа што нема каде да се испорача.

Македонија не увезува сурова нафта, затоа што нема каде да ја преработува. Рафинеријата на ОКТА одамна е затворена, така што Македонија увезува само нафтени деривати и нивната цена зависи од подрачјата каде што се увезуваат и од берзанската цена во медитеранското подрачје.

На оваа табела на www.globalpetrolprices.com, една од најпознатите веб-страници која ги следи движењата на цените на бензините во сите држави на целиот свет, се прикажани цените бензинот од 95 октани во Европа на 20 април. На неа јасно се гледа дека во Македонија цените на бензините по литар се на дното во Европа. Пониски цени има само во Русија, Белорусија и Турција. Диспаритетот во цените (на табелата претставени во евра) е драматично голем во однос на некои наши соседи: ако во Македонија цената на бензинот-95 е 0,79 евра, во Албанија е 1,36, евра; во Србија 1,11 евра, во Словенија едно евро, а во Грција дури 1,37 евра.

 

На оваа графика на „Макпетрол“ можете да го видите движењето на цените на  бензинот-95 од 20 октомври 2019 до последната цена на која ѝ се додадени трите денари акциза.

Извор: Независен.мк

Треба да знаете
Последни објави