Search

ОЈО со казни за 24 струмичани,19 скопјани,15 гостиварци, 8 делчевци, петмина прилепчани и по четворица крушевчани и битолчани

Основното јавно обвинителство Струмица предложи парични казни за 24 лица обвинети дека за време на викендот не ги почитувале одлуките и мерките на Владата на Република Северна Македонија со кои се забранува движење на населението на територијата на државата.

Заради стореното кривично дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство Струмица до Основниот суд Струмица поднесе предлози за издавање казнени налози и за секој од обвинетите предложи судот да изрече парична казна во висина од по 100 дневни глоби, а секоја дневна глоба да е во висина од по 10 или 20 евра во денарска противвредност.​​

Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе предлози за издавање казнени налози за 15 лица кои го прекршиле полицискиот час за време на викендот, се движеле пеш или со возила низ градот. За стореното кривично дело, за секој од обвинетите , обвинителството побара од судот да им изрече парична казна во висина од по 100 дневни глоби.​

Основното јавно обвинителство Делчево поднесе предлози за издавање казнени налози за осум лица кои го сториле кривичното дело  непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетите за време на викендот, додека во сила била забраната за движење на населението на територијата на Република Северна Македонија , се движеле пеш или со возила низ градот. Со тоа, не ги почитувале здравствените прописи и го сториле кривичното дело, а за што обвинителството побара од надлежниот суд да им биде изречена парична казна во висина од по 100 дневни глоби.​

И четворица обвинети од Битола не постапилe според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување. Тие, во одделни кривично правни настани за време додека забраната за движење на населението на целата територија на државата била во сила,  биле затекнати од полициски службеници од СВР Битола како се движат пеш без притоа да поседуваат дозвола за движење. Обвинителството му предложи на Судот за секој од обвинетите да изрече парична казна во висина од по 100 дневни глоби, секоја дневна глоба во износ од по 20 евра во денарска проиввредност.​​

Основното јавно обвинителство Прилеп до Основниот суд Прилеп поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица, обвинети за кривично дело- Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик. За истото кривично дело поднесени се предлози за издавање казнени налози и против четири лица пред Основниот суд во Крушево. Сите обвинети не ги почитувале мерките на Владата за сузбивање и спречување на заразната болест COVID-19, односно за време на полицискиот час биле затекнати надвор од своите домови без да поседуваат дозвола за движење. Обвинителството на надлежните судови им предложи за секое од обвинетите лица да изречат парични казни од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.​

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за определување казнени налози против вкупно 19 лица кои не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим за движење и за време на полицискиот час, во одделни кривично-правни настани, биле затекнати како се движат надвор од своите домови без да поседуваат дозвола за тоа. Надлежните јавни обвинители предложија парични казни од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.​

Треба да знаете
Последни објави