Манастрилиу: Во Албанија има 518 заразени со Ковид-19, а со навреме преземените мерки избегнавме колапс

Во последното деноноќие во Албанија регистрирани се 24 нови случаи на Ковид-19, што е за пет случаи повеќе споредено со вчера. Вкупно заразени се 518 лица, изјави министерката за здравство и социјална заштита Огерта Манастрилиу на денешната пленарна седница на албанскиот Парламент.

-Утре е 40 ден од кога се соочуваме со Ковид 19, навремените одлуки донесени од Владата го избегнаа она што се нарекува криза или колапс. Во оваа војна, повеќето од граѓаните беа совршен пример за тоа како да се заштитат себе си, додека нашите херои се лекарите, медицински сестри, епидемиолозите, вработените во националната ургентна служба, на кои им изразувам огромна благодарност. До денеска имаме 518 погодени од Ковид-19, рече таа.

Меѓу другото, додаде дека бројот на оздравени од оваа болест во изминатите пет дена веќе го надминал бројот на нови активни случаи.

Таа посочи дека медицинскиот персонал е тестиран без прекин, извршени се над 800 тестови, за среќа, помалку од девет отсто од тестираниот персонал е зарзен, а над половина од нив оздравеле.

-Сепак сакам да порачам дека битката со невидливиот непријател тука не завршува. Се до пронаоѓањето на вакцината ние секојдневно треба да ја подобруваме стратегијата во соочувањето со овој опасен нов вирус, порача Манастрилиу.

Таа се заблагодари на пратениците и од власта и од опозицијата кои „активно придонеле во борбата против овој непријател”.

Манастрилиу упати апел до граѓаните дека борбата против овој вирус се добива преку физичко дистанцирање, почитување на самоизолацијата, која е од „суштинско значење доколку сакаме да победиме во оваа војна без многу загуби”.

Треба да знаете
Последни објави