Search

Сметот во Скопје исчистен, комуналците се враќаат на работа во три смени

Во текот на изминатите 24 часа, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје собраа и транспортираа речиси 1000 тони комунален отпад од подземните и надземните контејнери на територијата на градот Скопје. Контејнерите се празнеа во текот на целата ноќ, по што посебни екипи поминуваа да го отстранат и транспортираат отпадот што беше расфрлен во околината на садовите.

Изминатата недела, оперативата на ЈП Комунална хигиена-Скопје дејствуваше само во првата смена, но состојбата на терен покажа дека со активности во една смена не е возможно секојдневно да се подигне и транспортира отпадот од речиси 6000контејнери поставени во сите скопски општини.

Од овие причини, ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува да го собира и транспортира комуналниот отпад во градот Скопје со вообичаената динамика – во три смени, секој ден во неделата, а со оваа динамика екипите на Претпријатието ќе работат и во текот на претстојниот празничен викенд!

ЈП Комунална хигиена-Скопје ги информира граѓаните дека и отпадот од индивидуалните домаќинства ќе продолжи да го собира со стандардната динамика – два пати во неделата. Во овој период, апелираме граѓаните да се воздржат од одлагање кабаст, градежен и градинарски отпад во садовите, како и во нивната околина.

Во текот на денешниот ден,  ЈП Комунална хигиена-Скопје во целост ќе ги расчисти и претоварните станици во Вардариште и во Карпош, каде што во текот на изминатата недела беше привремено одлаган комуналниот отпад што поради временскиот лимит Претпријатието не беше во можност веднаш да го транспортира на депонијата Дрисла.

Треба да знаете
Последни објави