Курти: По фискалниот пакет ќе следи економско закрепнување на Косово

Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти го образложи денеска итниот фискален пакет што го усвои Владата за справување со кризата предизвикана од епидемијата на Ковид-19, кој, како што рече, е дизајниран за финансиска помош на најсиромашните слоеви, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција, која ја одржа заедно со вршителот на должноста министер за финансии и трансфери Бесник Бислими, Курти рече дека ќе следува помош за бизнисите кои трпат последици од кризата.

– Понатаму ќе се помогнат бизнисите за покривање на оперативните трошоци, со цел да можат да функционираат. Потоа ќе се стимулира зголемувањето на активностите и ќе се стимулира вработувањето во приватниот сектор, рече Курти, додавајќи дека овој пакет не е дел од долгорочни политики.

Прва мерка, според премиерот, е двојно исплаќање на социјалната шема за три месеци, со доделување по 30 евра за оние кои користат социјална помош пониска од 100 евра.

Покрај тоа, Владата ќе ги покрие трошоците за плати до висина на минималната плата од 170 евра во наредните два месеци, максимум до 41 милион евра.

Курти додаде дека по овој итен фискален пакет ќе уследи пакет за економско закрепнување од економската криза која го погоди Косово како последица на пандемијата.

– Убедени сме дека за итната фаза овој пакет е доволен. И доколку имаме повеќе пари, не треба да ги трошиме залудно уште на почетокот, рече Курти. 

Треба да знаете
Последни објави