Search

СЗО бара итни мерки во Белорусија, каде претседателот советуваше третман со вотка и сауна

Претставникот на Светската здравствена организација, Патрик О’Конор, ги повика денеска властите во Белорусија да воведат нови мерки против ширењето на коронарнавирусот со предупредување дека епидемијата може да влезе во нова загрижувачка фаза.

Претседателот Александар Лукашенко во последните неколку недели ја маргинализираше потребата за мерки, вклучително и оние за социјална оддалеченост, велејќи дека пиењето вотка, возењето трактор и престојот во сауна може да помогне против вирусот, потсетува агенцијата „Ројтерс“.

Во Белорусија потврдени се 2.226 случаи на заразени од коронавирус, а починаа 23 лица.

О’Конор, кој неделава ја предводи делегацијата на СЗО во посета на Белорусија, рече дека земјата спроведува мерки за борба против епидемијата, но дека вирусот се шири во заедниците во Минск и други области.

„Белорусија влегува во нова фаза од развојот на епидемијата. Гледаме дека вирусот се пренесува во заедници. Оваа состојба е загрижувачка и бара нови мерки“, рече тој на прес-конференција.

Тој доададе дека СЗО препорачала Белорусија да воведе мерки што ќе го зголемат физичкото растојание, како и да продолжи со мерките за изолација, тестирање и следење на контактите на пациентите заразени со коронавирус.

Во Белорусија сè уште се игра фудбал, додека другите европски земји имаат воведено карантин и ги откажаа сите јавни настани.

Треба да знаете
Последни објави