Search

Асоцијација „Исток”: Автобуските станици да бидат опфатени со повикот за финансиска поддршка

Асоцијацијата на превозници „Исток” денеска упати реакција до Владата за објавениот повик за аплицирање за директна финансиска помош од државата од Посебниот кредитен фонд  за подобрување на ликвидноста на компаниите, истакнувајќи дека е нереално тоа што со него не се опфатени шифрите 49.39 Друг патнички копнен транспорт, неспомнат на друго место и 49.31 Градски и приградски патнички копнен транспорт.

Шифрата Друг патнички копнен транспорт, неспомнат на друго место опфаќа: друг патнички патен транспорт, редовен автобуски превоз линиски, чартер превози, екскурзии и други повремени услуги на превоз, аеродромски шатлови (комбиња-автобуси за превоз од/до аеродром) која е целосно исклучена од овој јавен повик, а шифрата Градски и проградски патнички копнен транспорт под која се регистрирани автобуските станици во државава. Апсолутно е погубно, оценува „Исток’, што не се вклучени со повикот.

-Во нашата држава моментно функционираат околу 20 автобуски станици коишто се од јавен интерес за граѓаните и се објекти од  јавен карактер, а поради кризата работат со намален капацитет и до 90 проценти. Бројот  на вработени во една автобуска станица во овој сегмент на превозот е помеѓу 20 и 50  и за нив  мора да се исплати бруто плата. Доколку Владата ги исклучи од мерките за финансиска помош, стопанствениците на автобуските станици ќе бидат приморани да започнат со нивно затворање, предупредуваат од „Исток”.

Најзасегнат сектор од ситуацијата на светско ниво, како што наведуваат, се превозниците на патници во патниот сообраќај. Поради немобилноста на граѓаните, поради затворените граници кои откажаа огромен број на меѓународни превози кои беа клучни за надоместување на останатите трошоци –кредити, плати, тековни трошоци кон коминтети, итн. во состојба каде патувањата на граѓаните се ограничени, трошоците за гориво како основни секојдневни трошоци се фиксни, трошокот за надомест за вработените – возачите и администрацијата во компаниите исто така е фиксен, а приходот од бројот на патници не може да се спореди со трошокот којшто е на дневно ниво е погубно за ликвидноста на овие компании. И покрај оваа состојба во која компаниите се наоѓаат со оглед на тоа дека услугите од нашите компании најчесто ги користат социјалните групи, како и постарите граѓани, компаниите продолжуваат да ги одржуваат линиите заради неопходното поврзување на градовите, но и заради опслужување на оваа категорија на граѓани, притоа претрпувајќи секојдневно огромни штети по сопствениот буџет, велат од„Исток”.

Покрај превозните компании, дополнуваат, исто така во случајот се погодени и давателите на услуги Автобуски станици на ниво на нашата држава.

-Со оглед на тоа дека сите меѓуопштински и меѓународни линии се со привремен прекин, автобуските станици немаат  основни приходи, коишто во периодот пред кризата ги остваруваа од влез – излез на автобусите, перонски карти на патниците итн. Секоја автобуска станица согласно Законот за превоз во патниот сообраќај мора да се придржува на работното време согласно конкретната категоризација којашто ја поседува. Поради тоа автобуските станици мораат во целост да ги задржат своите вработени на работните места и да функционираат без оглед на тоа дали превозниците ги одржуваат или не ги одржуваат своите линии. Како трошок којшто автобуските станици не можат да го покријат се и режиските трошоци како струја, вода, телефон ..итн, укажува Асоцијацијата „Исток”.

Оттаму наведуваат дека очекуваат сериозно пристапување кон оваа  реакција од превозниците на превоз на патници.Посочуваат дека исклучувањето на овие шифри се должи на превид, бидејќи, како што наведуваат, секое друго објаснување е ирационално.

Треба да знаете
Последни објави