Search

Потврдена одлуката за почеток на преговори на лидерско ниво во ЕУ

 Шефовите на држави и влади на Европската Унија ја потврдија одлуката донесена во вторникот за отпочнување на преговорите за членство во Северна Македонија и Албанија.

Иако оваа одлука нема правно значење, важна е нејзината политичка тежина, посебно во услови кога ЕУ се справува со една од најголемите кризи во историјата – пандемијата на ковид-19.

Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ во заклучоците донесени по првиот ден од самитот ги усвоија без приговор заклучоците на нивните министри за надворешни и европски работи.

Северна Македонија и Албанија треба да започнат со пристапните преговори што е можно поскоро.

Самитот, кој се одржува преку видео врска изминатите два дена поради здравствената криза, е речиси целосно посветен на кризата со коронавирусот и нејзините економски и социјални последици.

Во овој поглед, Европската Унија не постигна консензус за заеднички одговор на економската криза што и се заканува на ЕУ во наредните месеци. Лидерите одлучија да им препратат прашањето на министрите за финансии за повторни преговори.

Еден од предлозите кои се тестирале е можноста за издавање „коронаобврзници” за да им се помогне на најпогодените земји побргу да излезат од кризата, но Холандија јасно и гласно порача дека нема да поддржи таков вид на предлози. Одреден број земји, пред сѐ, од северна Европа, се на ист став како Холандија.

Досега ЕУ успеа да се договори дека треба да работи на пет клучни приоритети: спречување на ширењето на вирусот, помош во снабдувањето со медицинска опрема, инвестирање во научните истражувања за третман и вакцина, справување со економските последици и помош при репатријација на граѓаните на ЕУ заглавени во странство.

Европските земји и институциите на ЕУ во последниве недели се согласија исто така дека буџетските правила треба да бидат многу пофлексибилни за да можат државите да се соочат ефикасно со економските и социјалните последици од мерките на изолација.

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, призна дека дебатите на ниво на лидерите биле напнати но и квалитетни, и дека е отворен патот за институциите на ЕУ во наредниот период да постигнат опширен консензус.

Треба да знаете
Последни објави