Search

Сакеларопулу: Денеска водиме уште една историска битка

– Денеска, ние Грците водиме уште една историска битка, но не сме сами, сигурна сум дека ќе победиме, вели претседателката на Грција Екатерини Сакеларопулу, во нејзиното обраќање до јавноста по повод утрешниот национален празник на земјата, 25 март, односно годишнина од почетокот на востанието против Отоманската империја во 1821 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Сакеларопулу вели дека овој пат, за годишнината, Грција се наоѓа пред сосема нова закана „која драстично го промени секојдневието на граѓаните”

– Празникот нè учи дека за да може националниот напор да успее, „ние” треба да биде пред „јас”. Индивидуалната одговорност, соработката и солидарноста се во срцето на новиот патриотизам што ни е потребен. Исто како и тогаш, така и сега, за да го заштитиме „ние” и да ја задржиме татковината исправена, повикани сме да го тргнеме настрана „јас”. Привремено да ги жртвуваме нашите индивидуални слободи за да го одбраниме врховното колективно добро -јавното здравство. Новите ригорозни мерки што се во сила се неопходни за справување со кризата, рече Сакеларопулу

Се осврна и на фактот дека оваа година нема да се одржат традиционалните паради за одбележување на националниот празник, но рече дека „парадираат хероите на сè потешкото секојдневие во земјата”, споменувајќи ги армијата „што ја чува границата од агресивноста на Турција”, безбедносните сили и работниците кои ги покриваат секојдневните потреби на граѓаните.

-Ми влева надеж научната компетентност, моралот, ефикасноста и убедливоста на предводникот на надлежните научници од Министерството за здравство. Исто така, ми влева надеж фактот што политичките партии се координираат и се огласуваат во справувањето со заедничкиот непријател. Во толку критични моменти, единството на политичкиот свет ги инспирира и води граѓаните, порача грчката Претседателка.

На 25 март, во Грција се одбележува годишнината од почетокот на востанието против Отоманската империја во 1821 година, централната манифестација е во Атина каде што се одржува воена парада, а во другите градови, но и во атинските населби се одржуваат паради на учениците.

Оваа година, поради коронавирусот, парадите нема да се одржат, а грчкиот државен врв, симболично ќе го одбележи празникот со положување цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак.

Треба да знаете
Последни објави