Search

Казни за профитерите со антисептици и маски во Грција

Засилени контроли и казни за профитерите со антисептици и медицински маски; одложување на плаќањето на ратите за кредитите како за компаниите, така и за граѓаните; 800 евра месечна финансиска помош за вработените од компаниите погодени од кризата; бонус за Велигден и за здравствените работници, се дел од новиот, трет, пакет мерки на грчката Влада за справување со економските последици од коронавирусот, кои денеска ги соопштија Министрите за финансии, за развој и за труд на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за финансии на Грција, Христос Стајкурас претставувајќи ги петте мерки ги повика, „во овој критичен момент”, финансиски силните практично да ја покажат солидарност кон економски слабите

Со финансиската помош од 800 евра месечно за сите оние чија работа е прекината поради затворените бизниси и компании, грчката Влада, како што рече Стајкурас, ќе поддржи 1,4 милиони граѓани, а државата ќе ја чини две милијарди евра. Оваа мерка ќе се прошири и на оние кои биле отпуштени од работа во периодот од 1 до 17 март.

Пресметките, според министерот за финансии на Грција се дека се опфатени околу 440 илјади приватни компании со  милион вработени и со месечен промет од колку 6,5 милијарди евра.

Паралелно, најави дека банките донеле одлука, освен компаниите да ги поддржат и физичките лица погодени од кризата, а имаат земено кредити. Сите оние кои ги исполнуваат условите за вонредната економска поддршка од 800 евра, ќе имаат можност на три месеци да го одложат плаќањето на ратите.

-На овој начин, заедно со претходниот пакет мерки, со одложување ги покриваме сите приватни долгови во даночните служби, осигурителните фондови и банките на погодените домаќинства и компании, рече министерот за финансии на Грција.

Бонусот за Велигден, што важи само за вработените во приватниот сектор, Стајкурас истакна дека ќе биде регуларно исплатен, а на работодавците им се дава можност тоа да го сторат подоцна, без да бидат предвидени санкции.

-Дополнително, 108 илјади вработени во болниците во земјата, медицинскиот персонал, медицинските сестри итн, вработените во брза помош, вработените во Националната организација за јавно здравје како и оние во Генералниот секретаријат за цивилна заштита ќе добијат бонус за Велигден. Бонус кој е укинат за државниот сектор, објасни Стајкурас.

Министерот за развој и инвестиции на Грција, Адонис Георгиадис се осврна на продажбата и на цените на антисептиците и медицинските маски и рече дека денеска во службен весник ќе се објави законски акт кој и дава можност на владата да изрече казни за профитерите, но и за оние кои купуваат повеќе од три примероци.

-Во однос на цените, веќе започнаа контролите, ќе се интензивираат денес и утре, а првите казни ќе бидат изречени следната седмица за оние кои неразумно ги покачиле цените, искористувајќи ја кризата. Сакам да ги уверам потрошувачите дека постојат залихи . Во проверката што ја направивме вчера, сите нарачки на синџирите супермаркети беа навремено доставени наутро, но попладнето веќе имаше недостиг, главно бидејќи не се почитуваше нашето упатство за три парчиња по потрошувач. Со објавувањето на законодавниот акт, ова упатство ќе стане закон во државата и ќе има строги казни за оној кој нема да го почитува, рече Георгиадис.

Треба да знаете
Последни објави