Search

Стабилна безбедносната состојба во Дебар и Центар Жупа

Изминатото деноноќие во општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, помина мирно, а безбедносната состојба е стабилна. Притоа, локалната самоуправа, во соработка со Центарот за управување со кризи и и другите надлежни субјекти во кризниот штаб, го реши вчерашното барање на група млекопроизводители за изнаоѓање начин за  откуп на нивното млеко.

Инаку, во полициската станица во Дебар и во полициската канцеларија во Центар Жупа не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, кражби или други имотни деликти и не се регистрирани сообраќајни незгоди. Непречено продолжуваат активностите на полициските службеници кои се во согласност со оперативниот план за работа и во координација со локалната самоуправа, со кризниот штаб, со Центарот за управување со кризи и се во насока на контрола на целото подрачје, посебно на угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници). Целта е доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот.

На терен без проблеми и застои се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Непречено се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила, со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Упатуваме апел до граѓаните на Дебар и Центар Жупа, но и до сите граѓаните во државата строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

 

 

Треба да знаете
Последни објави