Search

Кекеновски: Владата сега треба да воведе поригорозни мерки, па дури и да го ограничи движењето

Во Македонија од вечерва владее вонредна состојба. Техничката Влада која беше формирана да ги подготви предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април поради епидемијата со коронавирусот му предложи на претседателот Стево Пендаровски, а тој одлучи да прогласи вонредна состојба која ќе трае 30 дена. Пред истекот на овој рок Владата ќе треба да достави извештај за ефектите од преземените мерки и образложение за потребата од евентуално продолжување на вонредната состојба за дополнителни 30 денови.

Што ќе донесе оваа одлука во справувањето со епидемијата за „24 инфо“ коментираше професорот по уставно право, Јове Кекеновски.

-Жалам што последни во регионов ја донесовме оваа одлука. Изгубивме 3-4 дена поради колебливоста на претседателот Пендаровски плашејќи се од правните дилеми и од реакцијата на опозицијата, па беше принуден да вклучи и нивни експерти во толкувањето за одложувањето на изборите – вели Кекеновски.

Со оваа одлука за вонредна состојба Владата ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресурси за поуспешно да се справи со епидемијата на коронавирусот.

-Лично бев за кризна состојба која ја побаравме уште во неделеата, но ја поздравувам одлуката и за донесување на одлуката за воведување на вонредна состојба. Опозицијата не смее да се плаши од моќта која сега ја има Владата. Има свои претставници во истата. Опозицискиот лидер Мицкоски со своето тактизирање ја одолговлекуваше и целата ситуација, иако ни беше потребна како држава итна реакција. На крајот под притисок на јавноста го смени мислењето од кризна во вонредна состојба. Владата сега ќе биде пооперативна. Ќе може да донесува одлуки од час в час. Треба да донесува поригорозни мерки, па дури и да го ограничи движењето. Тоа не е никакво загрозување на демократското право на граѓаните – е ставот на Кекеновски.

Во ваква ситуација кога главната битка и приоритет е да се зачува здравјето на граѓаните, нема да биде заобиколена и економијата. Таа ќе претрпи големи штети и ќе влезе во кризен период.

– Ако се затвораат угостителските објекти за да не се собираат поголем број на луѓе во зтворен простор, треба еднакво да се гледа и на погоните каде 60-70 жени во текситилната индустрија се во затворен простор. И тие треба да бидат ослободени од ваквите ризици. Несомнено е дека од тешкиот удар кога сето ова се надевам наскоро ќе заврши ќе треба да се рехабилитира и економијата. Затоа државата треба да им излезе во пресрет на фирмите и на граѓаните полесно да ги пребродат овие кризни денови. Потребни се олеснителни мерки околу режиските трошоци, да ги пролонгира кредитите, да им се намалат камати…

Треба да знаете
Последни објави