Светиот Синод на ГПЦ на вонреден состанок ќе одлучува за работата на црквите

На вонреден состанок, Светиот Синод на Грчката Православна црква ќе ја разгледа актуелната ситуација со коронавирусот во Грција и се очекува да донесе одлука за литургиите во црквите, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменик- портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека Кирјакос Мицотакис во петокот имал телефонски разговор со Архиепископот Јеронимос и побарал да се одложат литургиите.

-Светиот синодот ќе одржи состанок, ги очекуваме одлуките на црквата. Во секој случај ќе направиме сѐ што е потребно, рече Пелони.

Лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас, денеска, неколку часа пред состанокот на Синодот на ГПЦ имал телефонски разговор со Архиепископот Јеронимос и, како што соопштуваат од партијата, „го охрабрил да преземе иницијативи за црквата со нејзиното однесување и дело да придонесе во заедничкиот обид на целото грчко општество за ограничување на ширењето на коронавирусот”.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, преку вчерашното интервју за весникот „Прото тема”, уште еднаш истакна дека она што важи за собирите, важи и за црквите.

-Сакаме да ги избегнеме масовните собири, а особено масовните собири на луѓе кои по дефиниција се ранливи. Бидејќи вистината е дека поголемиот број верници кои ги посетуваат црквите, се пред сѐ стари лица, и тоа треба да го имаме предвид. Затоа, како премиер, морам да ги предупредам за оваа опасност и да им кажам дека она што важи за собирите, очигледно важи и за црквите, рече Мицотакис.

Грчкиот Архиепископ Јеронимос, во петокот, во писмената изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА истакна дека црквата нема ниту мерач на верба, ниту регистрира присутност и рече дека грчката „црква никогаш не застана против науката и никогаш не се обиде да ја замени”.

Минатиот понеделник, Светиот синод на Грчката православна црква во излезе со соопштение во кое рече дека „причестувањето не може да биде причина за пренесување на болести”.

И покрај ригорозните превентивни мерки за заштита од коронавирусот во Грција и препораките да се избегнуваат простори во кои се собира народ, сепак на вчерашните неделни литургии, во голем дел од црквите во Грција имаше верници.

Треба да знаете
Последни објави